Во вчерашната изјава за новинарите, како што пренесе новинската агенција Интерфакс-Украина, тој додал додека почетниот план од 28 точки предложен од САД, што Киев и европските лидери го отфрлија оценувајќи го премногу поволен за Русија, е ревидиран на 20 точки
Украина ќе ѝ презентира ревидиран мировен план на Белата куќа, во обид да избегне територијални отстапки кон Русија, на што сугерираа дел од точките од оригиналниот план што го претстави администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп.

Киев, како што објави Би-би-си, е подготвен да им предложи нови алтернативи на САД во рамките на мировните преговори, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски уште еднаш ја отфрли можноста за територијални отстапки, наведувајќи дека нема право да го стори тоа ниту според украинското, ниту според меѓународното право.
Ваквиот став Зеленски го повтори по вчерашните средби со лидерите на Велика Британија, Германија и Франција во Даунинг стрит во Лондон, како и со највисоки претставници на НАТО.
Според агенциите, станува збор за нов колективен притисок на Киев и неговите европски сојузници да ги одвратат САД од иницијативата за мировен договор кој вклучува големи отстапки од Украина, за кои сојузниците стравуваат дека ќе ја направи ранлива на идна инвазија.
„САД, во принцип, се фокусирани на наоѓање компромис. Постојат сложени прашања поврзани со територијата, но таму сè уште не е пронајден компромис“,
изјави вчера украинскиот претседател.
Инаку, тековната дипломатска турнеја на Зеленски низ Европа доаѓа по интензивните разговори меѓу американските и украинските преговарачи во текот на викендот, кои не успеаја да доведат до договор што би прифатлив за Киев.
Зеленски требаше да биде брифиран за тие разговори вчера од страна на неговиот главен преговарач Рустем Умеров, кој на Телеграм напиша дека ќе се осврне на деталите од директните разговори меѓу САД и рускиот претседател Владимир Путин.
По средбите во Лондон и Брисел, украинскиот претседател на прес-конференција изјави дека неговиот тим може да испрати нов предлог до САД уште следниот ден (9 декември 2025 г.), објави новинската агенција АФП.
„Русија инсистира да се откажеме од територии, но не сакаме да отстапиме ништо. Немаме законско право да го сториме тоа, според украинскиот закон, нашиот устав и меѓународното право. И немаме никакво морално право“,
рече Зеленски на темата за предавање територии.
Инаку, тој долго време тврдеше дека сите промени на границите на Украина ќе треба да бидат одобрени со референдум.
Во вчерашната изјава за новинарите, како што пренесе новинската агенција Интерфакс-Украина, тој додал додека почетниот план од 28 точки предложен од САД, што Киев и европските лидери го отфрлија оценувајќи го премногу поволен за Русија, е ревидиран на 20 точки.
Зеленски ги издвоил контролата врз источниот регион Донбас и нуклеарната централа Запорожје како едни од најчувствителните прашања.
Инаку, според оригиналниот план на САД, што протече во јавност, Вашингтон предлага Украина да ѝ ја предаде целосната контрола врз Донбас на Русија, и покрај фактот дека силите на Кремљ не беа во можност целосно да го освојат овој регион по речиси четири години војна.
Вчерашниот состанок во Даунинг стрит во Лондон, на кој присуствуваа Зеленски, британскиот премиер Сер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, се оценува како знак на поддршка за Украина во нејзините обиди да се спротивстави на притисокот од Белата куќа.

По состанокот од Дауниг стрит број 10 соопштија дека е постигната согласност дека разговорите предводени од САД претставуваат „критичен момент“ за зголемување на поддршката за Украина.
Оттаму ги повторија повиците што претходно ги изнесе и британскиот премиер Кир Стармер дека е потребно решение што ќе доведе до праведен и траен мир кој ќе вклучува цврсти безбедносни гаранции за Украина.
Природата на тие идни безбедносни гаранции е уште едно од отворените прашања во преговорите.
Имено, европските сојузници на Киев продолжуваат со напорите за организирање меѓународна коалиција што ќе понуди континуирана воена поддршка на Киев во случај на мировен договор,
Велика Британија и Франција предложија распоредување меѓународни трупи во Украина, но неколку клучни европски земји, вклучувајќи ги Германија и Италија, изразија скептицизам во врска со таа идеја.
Исто така, не е јасно до кој степен САД би биле подготвени да поддржат каков било одбранбен аранжман за Украина.
По разговорите во Лондон, Зеленски отпатува во Брисел за да се сретне со шефот на НАТО, Марк Руте, и со шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, а треба да се сретне и со италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска.
Од друга страна, пораките кои доаѓаат од Москва велат дека разговорите со претставниците на Белата куќа биле конструктивни, и покрај малкуте јавни индикации дека се поместиле во однос на која било од целите поставени од Кремљ.
Во неделата, американскиот претседател Доналд Трамп во изјава за новинарите рече дека Русија е „задоволна“ со мировниот план што САД им го претставија на двете страни, но дека е „малку разочаран што Зеленски не го прочитал“.
Речиси истовремено, Зеленски рече дека чека да биде информиран од Умеров по тридневните разговори со неговите американски колеги во Мајами.
„За некои прашања може да се разговара само лично“,
рече Зеленски.
