Преку ваквиот систем, кој се воспоставува по првпат во земјава, како што порача премиерот, сите граѓани, новинари, претставници на граѓанскиот сектор и општествено релевантни чинители ќе може во реално време и транспарентно преку proekti.gov.mk да го следат текот на проектите финансирани од Владата
Немаме што да криеме затоа што работиме чесно, транспарентно и во интерес на граѓаните. Оваа порака денеска ја испрати премиерот Христијан Мицкоски на настанот на кој беше промовирана Платформата за следење на проектите за локален развој финансирани од Владата.

Преку ваквиот систем, кој се воспоставува по првпат во земјава, како што порача Мицкоски, сите граѓани, новинари, претставници на граѓанскиот сектор и општествено релевантни чинители ќе може во реално време и транспарентно преку proekti.gov.mk да го следат текот на проектите финансирани од Владата.
„Транспарентноста за нас не е формална обврска. Таа е суштинско демократско правило и основа на довербата, основа на стабилноста и основа на вистински одговорните политики. Во општество кое секојдневно се соочува со лажни наративи, дезинформации и манипулации, единствениот одговор е – отворена држава со отворени податоци. Затоа, оваа Платформа е секундарно технолошки проект, а примарно – политичка порака: немаме што да криеме, затоа што работиме чесно, транспарентно и во интерес на граѓаните“,
порача Мицкоски, додавајќи дека оваа Платформа ја симболизира заложба на Владата за интегритет, чесност и јавен надзор над сите инвестиции кои ги спроведува.
Особено значајна, според премиерот, оваа Платформа ќе биде за медиумите кои, како што рече, со само неколку кликови ќе може да го следат секој проект, секој договор, секој рок и секоја фаза на реализација.
На промотивниот настан, Мицкоски ги презентираше и резултатите од првиот јавен повик финансиран преку средствата обезбедени од Владата, во кој се опфатени 288 проекти со вкупна вредност од речиси 75 милиони евра.
„Денес можеме одговорно да кажеме дека сите 288 проекти се започнати и за сите се склучени договори со економски оператори. Од овие 288 проекти, 193 се целосно завршени, 26 се во целосно завршна фаза, 89 активно се реализираат, а за уште 6 проекти тендерската постапка е завршена и нивната реализација започнува многу скоро. Ова не се само бројки. Ова се над 220 капитални проекти во инфраструктурата, над 40 проекти во животната средина, 7 во спортската инфраструктура, 5 проекти во културата, и над 10 значајни инвестиции во образованието. Тоа значи подобар живот, подобри услуги, подобра општина и подобра држава“,
додаде тој.
Преку вториот јавен повик, пак, опфатени се 828 нови проекти со вкупна вредност од над 225 милиони евра.
„И тука гледаме силна динамика – над 50 проекти се завршени или се во финална фаза, а за над 500 проекти се потпишани договори за нивната реализација. Тоа значи дека државата ќе влезе во уште поинтензивен инвестициски циклус. Сето ова го правиме транспарентно, современо и одговорно“,
додаде Мицкоски.
Целта на Владата, како што рече, не е само да гради, туку тоа да го прави чесно, видливо и мерливо.
