Од МЗ велат дека тврдењата за неплатен долг од пет милиони евра се неточни и оти целта им е да се нанесе штета на угледот на Министерството или да се амнестира некој од сопствените обврски
Министерството за здравство нема никаква обврска ниту долг кон Јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје. Ова попладнево го соопштија од Министерството за здравство откако од „Комунална хигиена“-Скопје реагираа дека МЗ има неплатен долг од пет милиони евра кон претпријатието и поради тоа платите на вработените им ги исплаќаат со неколкудневно задоцнување.

„Тврдењата за неплатен долг од пет милиони евра се неточни и целта им е да се нанесе штета на угледот на Министерството или да се амнестира некој од сопствените обврски“,
велат од Министерството за здравство.
Оттаму апелираат да се проверуваат информациите, особено кога станува збор за тврдења што можат да создадат забуна или да доведат до недоверба во институциите.
„Продолжуваме да работиме согласно законските обврски и по принцип на транспарентност во своите активности“,
се вели во соопштението од МЗ.
Попладнево од ЈП „Комунална хигиена“-Скопје излегоа со соопштение во кое велат дека нивните вработени испорачуваат основни услуги за градот, но како претпријатие се постојано саботирани од, како што наведуваат, луѓе од власта. Од јавното претпријатие велат дека се загрижени бидејќи, како што тврдат, во тек биле напори за организирање и спроведување протести поради доцнењето на платите на вработените.
Платите на вработените, како што може да се разбере од соопштението, доцнат пет дена, што соодветствува со бројот на денови за кои дел од скопските градоначалници велат дека Јавното претпријатие не го собира сметот согласно своите надлежности.
Од скопска „Комунална хигиена“, пак, велат дека платите на вработените ги исплаќаат навреме со неколкудневно задоцнување, а како причина за тоа го наведуваат долгот што, според нив, кон претпријатието го има Министерството за здравство, кој изнесува пет милиони евра. Поради овој финансиски проблем, кој, како што велат од КХС, е децениски, претпријатието во последните 30 години работи со долгови.
„Овој неплатен долг директно влијае на ликвидноста на КХС; доколку Министерството за здравство го исплати долгот во целост, КХС ќе може да гарантира дека платите никогаш нема да доцнат, дури ни еден ден. Апелираме до Министерството за здравство веднаш да го исплати долгот од 5 милиони евра, за да не може никаков надворешен притисок или политичка акција да ја загрози егзистенцијата на нашите вработени“,
се вели во соопштението од „Комунална хигиена“.
Владата денеска ги задолжи надлежните инспекторати заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) да почнат координиран вонреден инспекциски надзор за да ја утврдат состојбата со комуналниот отпад на територијата на Град Скопје, а во насока на преземање соодветни мерки и активности.
Како што се наведува во соопштението од Владата, му се укажува на Градот Скопје – Сектор инспекторат, да постапи согласно своите законски надлежности и да го испита работењето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето.