„Јавно изјавуваме дека Алтернатива нема комуникација на ниту едно ниво и преку кој било канал со Демократската унија за интеграција и нејзиниот претседател“, велат од Алтернатива, а со идентичен наратив се и реакциите на Беса и Демократско движење на изјавата на министерот за здравство и еден од лидерите на ВЛЕН
Немаме комуникација ниту канали за комуникација со Демократската унија за интеграција (ДУИ). Вака, во една реченица, можат да се сумираат реакциите на трите партии од коалицијата ВЛЕН – Беса, Алтернатива и Демократско движење на наводите што лидерот на четвртиот партнер во таборот Арбен Таравари ги изнесе во интервјуто за „360 степени“ емитувано вчеравечер на МРТ 1.

Лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, кое е дел од владејачката коалиција и министер за здравство, одговарајќи на прашања во врска со разговорите внатре во ВЛЕН за настап на претстојните локални избори, потврди дека на овие состаноци тој предложил самостоен настап на секоја од четирите партии на советничките листи, а заеднички кандидати за градоначалници, но тоа било отфрлено од лидерите на другите три партии – Билал Касами, Зеќирија Ибраими и Изет Меџити.
Во врска со шпекулациите, кои кружат дека преговара со ВЛЕН за воопшто да не се договори, бидејќи е веќе договорен со ДУИ, Таравари рече дека нема врска со ДУИ, а на дополнително прашање дали има контакти со партијата од Мала Речица, тој кажа дека има комуникација, како што имаат и другите партии од ВЛЕН.
По интервјуто на Таравари, сите три партии, речиси синхронизирано, излегоа со соопштија на социјалните мрежи во кои ги негираат наводите дека имаат комуникација со ДУИ.
„Без да сакаме да го прејудицираме точното значење на изјавата на господинот Таравари дека освен него комуникација со Али Ахмети имаат и други лидери на ВЛЕН поради коректност кон членството на движењето Беса, партиските органи и нашите поддржувачи, мораме да разјасниме дека ниту претседателот Билал Касами ниту кој било друг експонент на Движењето за интеграција Беса нема комуникација со Демократската унија за интеграција“,
велат од движењето Беса.
Оттаму додаваат дека и граѓаните нивните симпатизери добро знаат дека од основањето досега никогаш немале комуникација со ДУИ и дека немаат причина за такво нешто.
„Да имаше, ќе беше отворено за граѓаните. Али Ахмети е единствениот виновник за состојбата на Албанците во Северна Македонија и колку побрзо се повлече во политичка пензија толку подобро за него и за Албанците“,
додаваат од Беса.
Со идентичен наратив е и реакцијата на Алтернатива.
„Јавно изјавуваме дека Алтернатива нема комуникација на ниту едно ниво и преку кој било канал со Демократската унија за интеграција и нејзиниот претседател. Алтернатива смета дека нема ниту една причина или потреба за комуникација со партија впишана на американската ‘црна листа’ со нон грата личности, која Албанците ќе ја паметат само по корупција, криминал и злоупотреба на власта. Останувајќи доследна на својот став дека ВЛЕН е коалиција изградена за афирмирање на вредностите на новиот политички морал и за воспоставување нови политички стандарди, Алтернатива оценува дека адресата за заштита на албанските интереси е преку комуникација со народот и одбрана на нивните интереси на педантен и достоинствен начин“,
се вели во соопштението на оваа партија.
Од Демократско движење на Изет Меџити, пак, ги отфрлаат наводите на Таравари оценувајќи ги како шпекулации.
Оттаму велат дека нема и нема имаат никаков вид соработка со партија „натопена во корупција“ и чии клучни фигури се ставени на црната листа на американскиот Стејт департмент за заробување на судството и злоупотреба на власта.
„Демократско движење јасно и недвосмислено се оградува од која било политичка структура која ја трансформирала корупцијата во начин на владеење, а државата во алатка за лично богатење. Демократско движење останува цврсто на својата визија за чиста, некорумпирана политика во служба на граѓаните“,
велат од партијата на Изет Меџити.
Инаку, Таравари наводите дека сите четири субјекти што ја сочинуваат коалицијата ВЛЕН имаат контакти со ДУИ ја спомена во два наврати, еднаш прашан директно дали има комуникација и вторпат одговарајќи на прашање дали има некакви сигнали од Мала Речица за соработка со Алијанса на локалните избори.
„Сигнали има, секако дека има. Не дека има само со Алијанса, ДУИ сигурно има комуникација и со другите партии од ВЛЕН. Тоа е неспорно и постојат такви информации, но тоа е небитно. Видете, друга опција, ако во ВЛЕН не се договориме, за нас е сами да одиме на избори. На крајот на краиштата, ако дојдеме, излеземе со листа на советници, со кандидати за онаму каде што мислиме, ако одиме во втор круг, нормално дека би побарале поддршка – каде што ќе оди ДУИ, таму би побарала поддршка од ВЛЕН, каде што нема да оди ДУИ, би побарале поддршка од ДУИ. Меѓутоа, ќе видиме, сега засега оваа опција е втора опција…“,
рече Таравари во интервјуто за „360 степени.

Освен за ова, министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата ВЛЕН настапи со јавна критика за функционирањето на партиите на Албанците во Владата. Според него, коалицијата функционира „тромо“ и треба да се најде модел за подобра синхронизација.