Прашан дали е точно дека од министерот за надворешни работи Бујар Османи побарал да појасни оти неговата изјава не била насочена кон политиката на Бугарија во целост, туку на конкретни политичари, премиерот не одговори конкретно.
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека нема што да појаснува во врска со изјавата која неодамна ја даде од Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик оти „дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“.
Премиерот ова го кажа одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција по пуштањето во употреба на магистралниот пат Куманово – Страцин.
„Што имав да кажам на Самитот на Советот на Европа во Исланд, го кажав пред 46 делегации на држави членки на Советот на Европа. Од тоа постои видеозапис, имаше и директен пренос, така што, немам што да појаснувам по однос на таа изјава“,
изјави Ковачевски.

Прашан дали е точно дека од министерот за надворешни работи Бујар Османи побарал да појасни оти неговата изјава не била насочена кон политиката на Бугарија во целост, туку на конкретни политичари, премиерот не одговори конкретно.
„Нормално дека министерот за надворешни работи има свои состаноци со своите колеги. Тие таму разговараа за дневните работи кои ја окупираат дипломатијата. Мојата изјава ја има интегрално и можете да ја погледнете“,
рече Ковачевски одговарајќи на прашањето.
Изјавата дека „дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“, премиерот Димитар Ковачевски ја даде во своето обраќање на генералната дебата „Обединети за Европа“ на Самитот на Советот на Европа што минатата недела се одржа во Рејкјавик, главниот град на Исланд – земја актуелен претседавач со ЕУ.
Ваквата реторика од страна на шефот на македонската Влада следуваше откако претставничката на Бугарија на Самитот во Рејкјавик, потпретседателката Илијана Јотова, изјави дека ги запознала учесниците на Самитот со „систематското газење на правата на Бугарите во Република Северна Македонија“.
Неколку дена подоцна, бугарските медиуми објавија дека изјавата на Ковачевски била тема на разговор помеѓу в. д. министерот за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов, и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за време на средбата во Брисел на почетокот на неделава.
За време на разговорот, Османи му кажал на Кондов оти изјавата на македонскиот премиер не била насочена кон политиката на Бугарија во целост, туку кон конкретни политичари.
На денешната прес-конференција, Ковачевски беше прашан и како ја коментира изјавата на претседателот на бугарскиот парламент Росен Желјазков, во која тој кажа дека вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав е услов на Европската Унија, а не билатерално прашање.
Премиерот рече дека не ја видел изјавата на Желјазков.
„Променета на Преамбулата и внесувањето на 3 500 наши сограѓани кои се самоопределуваат како Бугари е дел од преговарачката рамка во којашто обезбедивме заштитен македонски јазик и идентитет и со којашто практично ги започнавме преговорите со ЕУ. Ова е една од обврските која нашето Собрание ќе ја направи и потоа ќе продолжиме со отворање на поглавјата и кластерите и до 2030 година Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ“,
изјави Ковачевски.