Претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 објави дека во 2021 година за градоначалник имало поднесено 297 листи, за советници 559. Сега, во 2025 година, бројот на поднесени листи за градоначалници е 312, а за советници е 575

Времето покажа дека нема значително зголемување на бројот на пријавени кандидатури од независни листи. Ова во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 го изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, согласувајќи се со констатацијата дека можноста за поднесување независни кандидатури со само два собрани потписа, не влијаело значително на зголемување на бројот на кандидатури.
Кондарко рече дека споредено со минатите локални избори што се одржаа во 2021 година, разликата во бројот на поднесени листи е минимална. Во 2021 година имало 27 политички партии, 7 коалиции и 91 независна листа од група избирачи, а сега има 22 политички партии, 19 коалиции и 119 поднесени листи.
„Значи сè уште оперирам со терминот поднесени листи, во текот на денот ќе се објави бројот на потврдени листи. Значи, има некое зголемување кај бројот на коалиции затоа што најголемите партии, на пример, СДСМ има четири различни коалиции, четири субјекти. Во ВМРО-ДПМНЕ има 11 различни коалиции, со различни партии настапуваат во различни општини и сето тоа се одразува на бројот на учесници како бројка на субјекти. Секоја коалиција е посебен субјект со посебен даночен број и трансакциска сметка“,
рече Кондарко.

Според претседателот на ДИК, вкупните бројки се многу слични со оние на минатите локални избори.
„Во 2021 година за градоначалник имало поднесено 297 листи, за советници 559. Сега, во 2025 година, бројот на поднесени листи за градоначалници е 312, а број на поднесени листи за советници е 575“,
вели тој.
Кондарко рече дека во текот на минатата недела траела законската процедура на проверка на целокупната документација за исполнетост на условите на поднесените листи, а најмногу време одземала проверката од судовите за издавање уверенија за неосудуваност.
„Голема благодарност до вработените во сите основни судови кои ѝ излегуваа во пресрет на ДИК и до Судскиот совет. Ние претходно имавме работни состаноци, го организиравме овој процес, да тече комуникацијата меѓу Општинските изборни комисии и судовите непречено. Судовите работеа и за време на викенд и попладне, така што и изборните комисии, благодарност исто така до Општинските изборни комисии, кои оваа прва поголема фаза од изборниот процес успешно ја завршија“,
рече Кондарко.