Со зголемување на производството на државните електрани имаме намалување на цената на електричната енергија во првите два блока, а таму е најголемиот број од домаќинствата кои трошат електрична енергија. Во наредниот период работиме на тоа да нема зголемување, дури може во одредени сегменти да има и намалување на цената на електричната енергија, вели премиерот

Во наредниот период работиме на тоа да нема зголемување, дури може да има во одредени сегменти и намалување на цената на електричната енергија. Ова денеска премиерот Димитар Ковачевски го најави на првиот панел „Северна Македонија како зелен енергетски хаб – како да се претвори кризата во можност“.
„Минатата година ЕСМ успеа да го зголеми производството на електрична енергија за 20 отсто во однос на претходната година. За оваа година планот е повторно зголемување на производството на електрична енергија. Драго ми е што вчера видовме податок дека во текот на вчерашниот ден се произведени над 21 илјада мегават-час електрична енергија, што е најголемо производство во еден ден во изминатите 10 години. И тоа дава основа да може да правиме пресметки врз основа на коишто нема да има зголемување на цената на електричната енергија“,
рече Ковачевски.
Премиерот потенцира дека сметките за струја на малите потрошувачи се намалени за 20 отсто затоа што потребите се покриваат само со домашно производство на електрична енергија.
„Со зголемување на производството на државните електрани имаме намалување на цената на електричната енергија во првите два блока, а таму е најголемиот број од домаќинствата кои трошат електрична енергија. Многу благо покачување има во третиот блок и поголемо покачување во четвртиот блок. Четвртиот блок се практично наши граѓани кои трошат поголеми количини електрична енергија, кои загреваат поголеми површини, загреваат и базени во текот на зима, но тоа за нив не претставува проблем и добро е што тоа можат да го прават, но плаќаат, нормално, поскапа електрична енергија. Дополнително, што е најважно, за малите компании цената на електрична енергија се намали за 20 отсто, тоа се компании кои вработуваат 98 отсто од вработените во државата“,
истакна Ковачевски.
Според премиерот, има обезбедено доволно енергија за да нема недостатоци.
„Ги зголемивме прекуграничните капацитети со Бугарија, сè со цел да нема прекин, а обезбедивме и непречен увоз на суровини и енергенси од Грција и Албанија. Тамошните компании бара да го намалат извозот на јаглен, но на состанок со премиерот на Грција беше договорено да нема забрана за извоз за Република Северна Македонија. Обезбедивме доволно енергија за да нема недостатоци. Никој не веруваше дека ќе работат сите три блока на РЕК ‘Битола’“,
рече Ковачевски.
Во моментов, како што рече тој, се користи гас кој е од извори од САД, од Северна Африка. Сè она што беше дадено како задача на тимот кој работеше, вели Ковачевски, беше исполнето до перфекција.
Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека во втората половина од февруари ќе се отвори јавниот повик за изградба на интерконекторот. Како што додаде, се работи и на нов интерконектор со Република Србија. За интерконекторот со Косово, Бектеши рече дека С Македонија ја има завршено обврската, подготвена е документацијата и се очекува нивната одлука дали да се продолжи градбата во нивниот дел.
Тој посочи дека речиси сите компании во склоп на ТИРЗ-овите се снабдуваат со природен гас. Природниот гас, како што информира, е од Турција и од Грција, односно оти имаме различни извори. Бектеши информира дека утрово имал средба со директорот на НОМА гас, нова компанија која се занимава со природен гас и веќе почнуваат да се реализираат со усвојување на подзаконските акти.
Васко Ковачевски, директорот на ЕСМ, истакна дека зголемувањето на домашното производство на електрична енергија, а со тоа и намалување на увозот, доведува до одржување на цената. Тој рече дека очекува и оваа година успешно да се справат со енергетска криза.
Директорот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, осврнувајќи се на изворите за снабдување со енергија, рече дека инвестирањето во фотоволтаици во државата ќе ни ја зголеми енергетската независност.
Претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев верува оти земјава може да биде енергетски хаб, но како што нагласи, обновливите извори на енергија имаат и недостатоци бидејќи се неконтролабилни. Мора, истакна тој, да се прават обвновливи извори од сите типови. Биогасот, како што рече, е најквалитетен, потоа хидроелектраните, а најмали по квалитет се фотоволтаиците.
„Очекувам уште овој мај, јуни да имаме вишоци енергија од фотоволтаици што ќе треба да бидат извезени“,
рече Анѓушев.