Министерот за здравство денеска најави регистар со податоците за моментната состојба на човечки ресурси во сите здравствени установи, кој ќе овозможи да се следи движењето на човечките ресурси во реално време, од пензионирања и нови вработувања до специјализации и трансфери меѓу установите
„Сега знаеме колку медицински сестри, кардиолози, анестезиолози ни фалат во државата. Со оваа матрица на човечки ресурси ќе можеме правично да ги распределиме кадрите и да ја зголемиме ефикасноста на здравствениот систем. Отворање на конкурс за специјализанти нема да има по градови по желба на институцијата, ако не се вклопуваат со оваа матрица“, рече министерот
Министерството за здравство направи прва темелна анализа на човечките ресурси во здравствениот систем, како во јавните установи така и во приватните низ целата држава. Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за здравство Азир Алиу, при што посочи дека станува збор за воспоставување регистар на работници во областа на здравството, преку кој ќе може да се следи движењето на човечките ресурси во здравствениот систем, од пензионирања, нови вработувања, специјализации, до префрлувања од една до друга здравствена установа.

„Кога кажав дека здравствениот систем го гледаме како жив организам, а не како хаотична збирка од установи, многумина се прашуваа што значи тоа во пракса. Денеска имам прв одговор, анализа на податоците за моменталната состојба на човечки ресурси во сите здравствени установи“,
рече тој.
Оваа анализа произлезе од вкрстување на податоци од повеќе институции, меѓу кои Централниот регистар, Агенцијата за вработување, Лекарската и Стоматолошката комора, Фармацевтската комора, Управата за електронско здравство и Фондот за здравствено осигурување.
„Здравството не може да се реформира на слепо. Не може да се планираат дежурства, листи на чекање, специјализации, интервентни тимови и здравствени услуги блиску до домот на секој граѓанин, ако не знаете точно колку луѓе работат во системот, каде работат и со каква стручност се тие луѓе“,
Според анализата на Министерството за здравство, во земјава има вкупно 3 779 здравствени установи, од кои 2 942 се дел од мрежата на здравствени установи, а 837 се надвор од мрежата. Од нив, 2 830 се приватни, додека 112 се јавни здравствени установи, вклучувајќи ги и институции како Воениот медицински центар, МАНУ, Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет во Скопје.
Бројот на вработени во јавниот и приватен сектор изнесува 32 383, од кои 18 536 се во јавни здравствени установи, а 13 847 во приватните. Од ти 13 847 вработени, 9 040 се лекари и членови на тимот во примарно здравство, а преостанатите 4 807 се вработени во приватни здравствени установи (сите вработени во здравствен сектор).
Од 18 536 вработени во јавното здравство, посочи министерот, 4 746 се лекари и медицински соработници на секундарно и терцијарно ниво. Во јавните здравствени установи има 7 003 медицински сестри, како и останат медицински и немедицински кадар.
Според Алиу, овие резултати од анализата ќе послужат како основа на креирање на здравствени политики базирани на точни и ажурирани податоци.
„Ова е само почеток на воспоставување на регистар на работници во областа здравство, односно диманичен регистар кој ќе овозможи да се следи движењето на човечките ресурси во реално време, од пензионирања и нови вработувања до специјализации и трансфери меѓу установите“,
кажа тој.
Ова значи дека кога ќе зборуваме на нови вработувања, тоа ќе биде одговор на конкретни потреби на здравствениот систем.
„Кога ќе кажеме да се зајакне примарното здравство во некоја од општините, ќе знаме колку лекари и медицински треба да има таму. Кога ќе кажеме дека нема да дозволиме да има градови со двојно помалку лекари по жител, ќе знаеме како тоа да го исправиме и со кој капацитет на човечки ресурси“,
вели министерот.
Како што појасни Алиу, некаде има пет лекари од некоја област, а нема потреба од нив, туку требаат три, двајца од нив ќе одат во друга институција каде за нив има потреба.
Сепак, посочи и дека не можат никого да префрлат законски во друга институција, ако тој има договор, но ќе се обидат тоа да го направат со одредена стимулација.
„Сега, за секоја општина за секој профил на здравствени работници имаме бројка. И понатаму има недостаток на лекари и медицински сестри. Сепак, во последните десет години просекот минимално се зголеми, како што покажа регистарот“,
рече Алиу.
Даде конкретен пример, дека медицински сестри од 356 на 100 000 жители пред 10 години се зголемиле на 440 на 100 000 жители во 2020 година, што е едвај половина од ЕУ-стандардите.
„Сега знаеме колку медицински сестри, кардиолози, анестезиолози ни фалат во државата. Со оваа матрица на човечки ресурси ќе можеме правично да ги распределиме кадрите и да ја зголемиме ефикасноста на здравствениот систем. Отворање конкурс за специјализанти нема да има по градови по желба на институцијата, ако не се вклопуваат со оваа матрица“,
кажа министерот.
Посочи дека 30 години ваков регистар не постоел, што е чекор напред за реформите во здравството.
Овој проект е дел од националната стратегија за здравствен човечки капитал на Министерството за здравство за наредните десет години и претставува основа за реформите во целиот здравствен екосистем.
