Собранието денеска со 60 гласа „за“ од вкупно 62 присутни пратеници во салата го усвои дневниот ред за денешната седница, но поради немањето услови за работи, за десетте точки кои го поминаа општиот претрес (пет предлог-одлуки и пет предлог-закони), ќе се гласа друг ден.
Причината за немањето услови е тоа што шест пратеници од мнозинството се отсутни поради ковид-19, а опозицијата ја напушти седницата.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, пред да ја прекина седницата, ја сподели информацијата за шестмината од мнозинството кои не се присутни поради коронавирусот, а рече и дека опозицијата го користи тоа и излегува од салата бидејќи сака вештачки да создаде атмосфера дека власта нема парламентарно мнозинство.
Џафери истакна и дека поради ситуацијата со ковид-19 треба да се најдат алтернативни решенија за да можат сите пратеници да учествуваат во работата на Собранието.
„На оваа седница не можеме да имаме 62 пратеници. Дневниот ред е донесен благодарение на пратениците на албанската опозиција. И на граѓаните им е јасно дека Собранието треба да бара алтернативни решенија за да работи. А за да се направи тоа, треба да има измени во Деловникот. Треба да се создадат услови да работат и пратениците кои не можат физички да присуствуваат на седниците“,
рече Џафери.
Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски побара на дневен ред да се најдат два предлог-заклучоци за односите со Бугарија, за кои тој побара Собранието да се произнесе.
„Предлагам како прва точка од дневниот ред да биде ставена информацијата за македонско-бугарските односи во контекст на позициите во Меморандумот на официјална Софија и ризикот за блокада на преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Сметам дека оваа тема е најактуелна, поради нашите аспирации кои имаат натпартиска поддршка“,
рече Милошоски.
Со вториот заклучок, предложен од група пратеници, Милошоски потенцира дека треба да се упати апел до сите земји членки на ЕУ безусловно да ги почнат преговорите со земјава.
Џафери рече дека за тие заклучоци нема доволно материјали за седницата. Откако предлог-заклучоците на опозицијата не беа ставени на дневен ред, ВМРО-ДПМНЕ ја напушти салата, а седницата ја напуштија и двајцата пратеници на Левица.
