„Нема за што да се преговара. Ја имаме позицијата на Бугарија. Тие (од македонската влада н.з.) велат дека нема да преговараат со преодната влада, но јас би рекол дека не сакаат да преговараат со нашата страна бидејќи нема за што да се преговара“, вели бугарскиот премиер во техничката влада
Република Бугарија нема да репреговара за условите од договорот со Република Северна Македонија. Ова денеска, како што пренесува Бугарското национално радио (БНР), го изјави бугарскиот премиер во техничката влада Димитар Главчев, а давајќи одговор на партијата Има таков народ од каде што инсистираат на итна и одлучна реакција на новите барања од македонска страна, за кои сметаат дека се спротивни на веќе преземените обврски од т.н. француски предлог.
„Нема за што да се преговара. Ја имаме позицијата на Бугарија. Тие (од македонската влада н.з.) велат дека нема да преговараат со преодната влада, но јас би рекол дека не сакаат да преговараат со нашата страна бидејќи нема за што да се преговара“,
рече Главчев.
Според него, постои и европска позиција за ова прашање и, како што рече, тоа е веќе познато.
„На последниот Европски совет изјавив дека Република Северна Македонија не ги почитува преземените обврски, а истото го кажа и премиерот на Грција дека Република Северна Македонија не го почитува Договорот од Преспа. Нашиот став е кажан на највисокото ниво, во Европскиот совет“,
вели тој.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е во посета на Софија. Според бугарските медиуми, во тек е средбата на македонската претседателка и бугарскиот претседател Румен Радев.
Двајцата заедно ќе присуствуваат и на операта „Набуко“ од Џузепе Верди во изведба на Националната опера и балет (НОБ) во Софиската опера и балет.
Претходно, бугарскиот претседател изјави дека очекува изразената желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Сиљановска-Давкова да остане како доследна политика на владата на С Македонија.
„Република Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија, затоа очекувам овој дијалог да придонесе за наше културно зближување, но и да ги поттикне економската соработка и туризмот. Очекувам Република Северна Македонија да ги исполни сите обврски што ги презела кон Република Бугарија и кон Европската Унија, со што ќе можеме целосно да ги градиме нашите заемни односи“,
рече Радев.
Посочи и дека на ред е негова официјална посета на Скопје, а за реализација на тоа прашање најави дека ќе разговара на средбата со македонската претседателка.
Средбата на претседателите на двете земји доаѓа по серија заострени изјави од двете страни. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е за одблокирање на евроинтегративните процеси и дека посветено ќе работи на таа агенда, но дека од бугарска страна треба да има партнер со кого ќе може да се комуницира, мислејќи на формирање политичка влада.