Надлежните за околу 24 часа ги очекуваат резултатите од мострите земени од храната во градинката во Берово, по што ќе се знае дали храната е извор на заразата со салмонела

фото: архива
Нема присуство на бактеријата салмонела во мострите што ги испитуваше Центарот за јавно здравје од Кочани земени од лица и површини во детската градинка во Берово. Испитувањата од примероците покажале негативни резултати, но ќе биде потребно уште едно деноноќие за да се добијат анализите од мострите од храната.
„Претстои уште 24-часовен период за да се утврди дали во земените примероци храна има некакви траги од салмонела. Без разлика на ваквиот резултат, нашата работа овде нема да прекине, туку ќе работиме на утврдување што ја предизвикало заразата. Децата кои се пожалија на здравствени проблеми биле пријавени кај матичните лекари кои ни испратија копрокултура. Претпоставувам дека во наредниот период ќе имаме зголемен интерес затоа што од овој регион веќе ни пристигнуваат поголем број на копрокултури што не се поврзани само со градинката во Берово“,
вели Гоце Серафимов, директор на Центарот за јавно здравје – Кочани.
Според епидемиолошката служба во Центарот, во зависност од тоа каде што ќе биде откриено присуство на салмонела ќе се види дали има и други позитивни случаи во беровскиот регион.
Како превентивна мерка, додека целосно да завршат анализите на земените примероци храна, кујната во градинката „23 Август“ во Берово ќе остане затворена.
Досега кај пет деца, кои се пожалиле на дијареја и болки во стомакот, е потврдена бактеријата салмонела. Изминатата недела родителите на социјалните мрежи го изразуваа својот револт. Посочуваа дека бројката на заразени деца со салмонела е далеку поголема и е околу 40.