Директорката на УЈП вели дека нема податоци колку пари досега се собрани од наплата на овој данок
Не се работи за ретроактивно оданочување на доходите на граѓаните што работеле во странство, зашто тоа е законска обврска пропишана во Законот за данок на личен доход, рече денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, зборувајќи за граѓаните што работеле во Ирак и Авганистан, а кои бараат поништување на решенијата за данок оти сметаат дека се неправедно оданочени.

Според неа, обврската важела уште од 2020 година, но многумина сега се соочуваат со проблеми при обезбедување докази за платен данок во странство.
„Постојат и други засегнати граѓани коишто не успеале да обезбедат соодветни докази од компании во кои работеле и постигнавме заклучок да ни достават листи од тие граѓани, податоци за компаниите во коишто биле ангажирани за повторно да им излеземе во пресрет и да направиме напори за дополнителни проверки и за тие граѓани во смисла на тоа дали имаат платен данок во другата држава“,
вели таа.
Затоа, како што појасни, УЈП презема мерки да им излезе во пресрет на тие граѓани и да ги прима сите видови докази и покренува административна соработка со странски даночни административци.
Од околу 1 100 граѓани што работеле во Авганистан и Ирак, некаде околу 200 веќе доставиле документи.
За преостанатите, УЈП побарала листи и податоци за компаниите за да може службено да ги провери.
Дополнителни проверки ќе се вршат и за граѓаните испратени во мировни мисии, за кои данокот бил платен преку Министерството за одбрана.
Директорката на УЈП вели дека нема податоци колку пари досега се собрани од наплата на овој данок.
Сепак, додава дека решенијата што ги добиле нема да им предизвикаат дополнителни трошоци, односно немаат рокови и со тоа нема да им се пресметува камата.
Аконтациските решенија ќе бидат заменети со конечни решенија за 2020 година, а процесот на корекции ќе мирува додека не се добијат сите потребни податоци.
Досега во Тетово и Куманово се одржаа неколку протести на граѓани што работат во странство, а кои бараат поништување на решенијата за данок оти сметаат дека се неправедно оданочени.
