Тој додаде дека селото е безбедно благодарение на храбрите локални жители, на две екипи од скопската бригада за противпожарна заштита и на една екипа на „Национални шуми“

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, денеска изјави дека нема реална опасност од ширење на пожарот над селото Чучер и апелираше да нема паника меѓу населението.
Ангелов, кој попладнево изврши увид на терен во Чучер, истакна дека на огнот ќе му бидат потребни неколку часа за да дојде до црквата, која, според пишувањата на социјалните мрежи, била наводно загрозена.
„Се наоѓаме веднаш над селото Чучер, кое е делумно загрозено од пожарот што избувна вчера во попладневните часови, но во овој момент од она што можам овде да го видам, нема реална опасност по околните куќи, иако има неколку куќи кои можат да се видат зад мене и се буквално во шума“,
нагласи Ангелов во видеоизјавата споделена од ДЗС.
Тој додаде дека селото е безбедно благодарение на храбрите локални жители, на две екипи од скопската бригада за противпожарна заштита и на една екипа на „Национални шуми“. Ангелов вели дека паниката не помага и дека на лице место има пожарникари и пожртвувано население.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот е лоциран меѓу селата Блаце и Чучер во општината Чучер Сандево. Тој сè уште е активен, а горат мешана шума и ниска вегетација.
Претходно, Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека поради овој пожар целосно е прекинат сообраќајот кон граничниот премин „Блаце“, кој е воедно и затворен.