„Ќе продолжиме будно да ја следиме состојбата и ќе реагираме во зависност од реалните потреби“, наведува премиерот во објава на својот фејсбук-профил по состанокот
Нема простор за загриженост. Резерви на горива има и нафтените потреби целосно се задоволуваат. Ова попладнево го соопшти премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претставници на нафтената индустрија во државата, а во контекст на актуелната криза на Блискиот Исток.

„Имав средба со претставници на нафтената индустрија во државата. Разговаравме за актуелната состојба со нафтените деривати, имајќи ја предвид кризата на Блискиот Исток и глобалните предизвици во оваа индустрија. Заклучивме дека нема простор за загриженост и дека состојбата е целосно под контрола. Залихи на горива има и нафтените потреби целосно се задоволуваат“,
напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Тој додава дека и понатаму ќе продолжат будно да ја следат состојбата.
„Ќе продолжиме будно да ја следиме состојбата и ќе реагираме во зависност од реалните потреби“,
наведува премиерот.
Претходно денеска, одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека безбедносната состојба во државата е стабилна и мирна, притоа повикувајќи се на информациите добиени од надлежните институции на седницата на Советот за безбедност, што во неделата го свика претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, откако почна воениот конфликт на Блискиот Исток.
Премиерот наведе дека сепак се можни економски импликации, пред сè во енергетскиот сектор.
Како што наведе, тоа повеќе се однесува на нафтата бидејќи Македонија како држава нема толку голема зависност од гас.
Поради завршувањето на грејната сезона и ограничената индустриска зависност од гас, Мицкоски вели дека во тој сектор не се очекуваат поголеми потреси.
Според него, притисоци се можни во нафтената индустрија и поради тоа со Министерството за финансии веќе разгледувале опции за намалување на акцизите и даноците со цел да се ублажи ценовниот шок врз граѓаните.
