Стефан Кирков од ВМРО-ДПМНЕ вчера на Фејсбук обвини дека Зоолошката градина е подрачје контаминирано од туберколоза и изрази сомнеж дека цели реони се зафатени, дека вработените се оставени сами на себе без никаква опрема соодветна на ваков тип епидемија и оти се подложени на мобинг за да молчат за сè што се случува внатре

Нема простор за паника во врска со неодамнешните информации за појава на животинска туберкулоза кај поединечни животни. Безбедноста на посетителите и грижата за животните остануваат наш врвен приоритет, информираат денеска од скопската Зоолошка градина откако вчера од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека туберколозата била причина за смртта на европскиот бизон и на други животни.
Од Зоолошката посочуваат дека туберкулозата кај животни не е нова појава, односно, дека овој вид заболување е познат со децении и нагласуваат дека ризикот да се заразат посетителите е многу низок и речиси невозможен.
„Преносот на туберкулоза од животни на луѓе е исклучително редок и најчесто бара долг и директен близок контакт со болни животни, нешто што е невозможно за обичните посетители. Вработените кои се во директен контакт со животните со години изминатиот период беа тестирани. Сите досегашни резултати се негативни, нема заразени лица меѓу персоналот. Се преземаат строги ветеринарни и санитарни мерки и постојано се врши дезинфекција во живеалиштата. Секое сомнително или заболено животно е предмет на надзор, тестирање и соодветен третман согласно меѓународните стандарди, а поставени се и дез-бариери кај живеалиштата“,
се наведува во соопштението на ЗОО Скопје објавено на нивната фејсбук-страница.
Оттаму додаваат дека превентивно, во наредниот период ќе биде изолиран Бејби ЗОО и дека посетителите се движат по безбедни патеки и немаат близок контакт со животните.
„Контролата на здравјето на животните и на вработените е континуирана и под надзор на надлежните институции.
додаваат од скопската Зоолошка градина.
Случаи на животинска туберкулоза се регистрирани и во други зоолошки градини низ светот, но тоа никогаш не резултирало со ризик за јавноста. ЗОО Скопје останува целосно посветена на заштита на здравјето на посетителите, добросостојбата на животните и транспарентност во информирањето. Ќе продолжиме редовно да ја известуваме јавноста и да соработуваме со сите надлежни институции за навремена превенција и контрола. Продолжуваме да работиме со иста посветеност за да обезбедиме позитивно и сигурно искуство за сите посетители и највисок степен на грижа за животните“,
Стефан Кирков од ВМРО-ДПМНЕ вчера на Фејсбук обвини дека Зоолошката градина е подрачје контаминирано од туберколоза и изрази сомнеж дека цели реони се зафатени, дека вработените се оставени сами на себе без никаква опрема соодветна на ваков тип епидемија и оти се подложени на мобинг за да молчат за сè што се случува внатре.
„Апелирам, алармирам веднаш државните институции да направат вонреден инспекциски надзор и да постапат согласно протоколите кои ги налага ЕАЗА и Светската здравствена организација. Итна проверка на сите вработени, да се тестираат, како и земање брисеви од сите животни и живеалишта, доколку е потребно и времено затворање на оваа установа сè додека не се процени дека е безбедна!“,
напиша Кирков.