На референдумот за забрана на јавните тротинети имаше мала излезност, а од оние што гласаа 90 отсто поддржаа забрана. Сепак, градоначалничката вети дека ќе ги почитува резултатите

На улиците во Париз од утре (1 септември) ќе нема електрични тротинети за изнајмување бидејќи граѓаните на референдум се изјаснија за нивна забрана.
Јавните тротинети се користеа пет години, а сега Париз ќе стане првиот главен град во Европа кој ќе го забрани нивното изнајмување.
Парижаните гласаа против тротинетите бидејќи беа незадоволни што корисниците возат брзо меѓу пешаците, што ги оставаат „каде ќе им текне“ и што предизвикаа неколку несреќи.
Референдумот беше спроведен во април, имаше мала излезност од само 7,46 отсто, 90 отсто од парижаните што гласаа беа за забрана на јавните тротинети. Иако резултатите беа необврзувачки, градоначалничката Ан Идалго вети дека ќе го почитува откако и самата водеше кампања против тротинетите.
Од почетокот на август од улиците на Париз веќе беа отстранети 15 000 тротинети кои ќе бидат префрлени во други градови, голем број на улиците во Лондон, Копенхаген, како и неколку белгиски и германски градови.