Од ЗНАМ му порачаа на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, пред да држи лекции, да го заврзе џебот, оти таму е неговата единствена револуција, во парите што ги вади за себе и за неговата дружина
Апасиев, пак, најавува и постапка пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, додека во меѓувреме правниот тим на партијата ќе подготви кривични пријави против сите членови на ДИК и на Советот на ААВМУ. Пријавите, како што додава, се за предизвикана материјална штета на Левица
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе му отстапат простор за рекламирање на движењето ЗНАМ затоа што во Куманово и Центар имаат заеднички кандидати за градоначалници
Од движењето За наша Македонија – ЗНАМ попладнево се огласија во врска со поплаките од партијата Левица дека е исклучена од можноста за платено политичко рекламирање според Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година објавено од Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

Оттаму велат дека средствата за рекламирање на претстојните избори се распределени по Упатството на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и насоките на Државната изборна комисија (ДИК).
„Сè е транспарентно, по јасни правила и закони, а не по желби и апетити на алчни политичари. Нема простор за плачење и театар“,
се вели во реакцијата на ЗНАМ.
Според ЗНАМ, „Апасиев е револуционер на фејсбук-статуси, а во реалноста евтин шибицар кој држи лекции за правда“.
„Човек што до вчера беше советниче со дебел хонорар во СЈО-институција, чиј начин на работа создаде серија сомнежи и контроверзии, а денес својата партија ја третира како личен банкомат, како личен џеб, по принципот кога сакам – вадам, кога сакам – трошам“,
пишува во реакцијата на ЗНАМ.
Му порачаа на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, пред да држи лекции да го заврзе џебот, оти таму е неговата единствена револуција, во парите што ги вади за себе и за неговата дружина.
„Оди кај Венко Филипче, човекот со златна виза подготвен за бегство од државата и мераклија за јахти по Медитеранот. Ти и тој сте совршен тандем, еден краде од здравството, друг краде од сопствената партија. И двајцата на крајот ќе завршите на поклон и баци рака кај вашиот газда Али Ахмети, каде што секогаш завршуваат продадените души. Народот гледа и знае“,
соопштија оттаму.
Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) го објави Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, документ кој уредува – колкав дел од државниот колач за политичко рекламирање ќе добијат партиите, преточено во просторот што за таа намена ќе им биде одвоен од радиодифузерите, националниот сервис и Собранискиот канал.
„360 степени“ денеска го анализираше Упатството, кое е во нацрт-верзија и за него е отворена јавна консултација.
Инаку, нацрт-верзијата на Упатството почна да предизвикува контроверзии и реакции, кои, според оние од каде што тие доаѓаат, произлегува од правните празнини во Изборниот законик.
Од максимално дозволените девет и пол минути политички реклами во еден час, четири минути добиваат двете најголеми владејачки партии според освоени пратеници во парламентот на последните избори, четири минути двете најголеми опозициски по истиот принцип, една минута оди кај партиите кои освоиле пратенички места, но недоволно за пратеничка група (за пратеничка група се потребни пет пратеници) и 30 секунди одат за партиите кои не се застапени во парламентот.
Проблемот е што во актуелниот состав на македонското Собрание има две партии кои ниту се дел од првите две партии од власта или од опозицијата по бројот на пратеници, а истовремено освоиле повеќе од пет пратеници и имаат пратеничка група. Такви се Левица, со шест пратеници, и ЗНАМ која има пет.
Најгласна во реакциите е политичката партија Левица. Нејзиниот претседател и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев, уште пред да биде објавено Упатството излезе со реакција дека под директива на ВМРО-ДПМНЕ, ААВМУ и нејзиниот директор Зоран Трајчевски го планираат финалниот удар против Левица за овие избори оти е исклучена од можноста за платено политичко рекламирање.
Апасиев најавува и постапка пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, додека во меѓувреме правниот тим на партијата ќе подготви кривични пријави против сите членови на ДИК и на Советот на ААВМУ. Пријавите, како што додава, се за предизвикана материјална штета на Левица, која, според Апасиев, ќе ја утврдат со дополнително финансиско вештачење
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе му отстапат простор за рекламирање на движењето ЗНАМ – За наша Македонија затоа што во Куманово и Центар имаат заеднички кандидати за градоначалници.