Според неа, најважно е политичките партии од опозицијата и од власта да седнат во Собранието да се договорат и да постигнат консензус како се однесуваат надвор од државата
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета оти нема потреба од нова декларација за црвените линии на држава за евроинтеграциите, по најавите на опозицискиот Социјалдемократски созуз (СДСМ) дека истата ќе ја поднесе во Собранието.

На сите политички партии им порача да седнат во парламентот и да се договорат како ќе настапуваат надвор од државата.
„По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии, е апсурдно. Ние имаме декларација и тоа не само една, туку неколку декларации имаме донесено во Собранието. И не беа почитувани. Дури и референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак посегне соседот по вето, ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите. Да, ќе ги прекинеме преговорите и тоа му одговара на соседот, ама ќе го смениме Уставот по 37. пат“,
рече таа.
Според неа, најважно е политичките партии од опозицијата и од власта да седнат во Собранието и да се договорат и да постигнат консензус како се однесуваат надвор.
„Ако така се однесуваа по средбата на која сите и се израдувавме во Владата, мислам дека и ЕУ поинаку ќе се однесуваше. Ако лидерите на опозицијата и лидерите на сите партии зборуваат во еден глас дека мислиме вака и вака, дека ова е најдобро решение, сигурно дека и поинаку ќе се однесуваат кон нас. Ама да слушнете вакви аргументациии: предложија уставни измени со одложено дејство, не им ги прифатија. Како да се работи за некој не знам каде. Одговорно тврдам дека првиот човек на ЕУ, Кошта за измените со одложено дество рече дека се извонреден потег. Зарем мисли некој дека ние ќе предложиме уставни измени со одложено дејство, ако за тоа нема уставен основ. Па, и првите уставни измени беа со одложено дејство, а и последните Преспанските беа со одложено дејство. Дејството се определеува со уставен закон“,
кажа Сиљановска-Давкова.
Според неа, во Уставот пишува дека овластен предлагач на уставни измени се 150 илјади граѓани, Владата и претседателот на државата.
„Не читам никаде Европската унија или соседите. Така е со сите устави“,
вели таа.
Во однос на непочитувањето на одлуките на Меѓународниот суд на правдата во Стразбур, претседателката рече дека пресудите на Судот се конечни и извршни и важат за сите држави.
„Какви се тие пресуди што не важат, каков е тој суд чии пресуди не важат“,
рече Сиљановска-Давкова.
Лидерот на опозицијата, Венко Филипче вчера најави дека до крајот на неделата Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) ќе има работна верзија на декларацијата што ќе ги содржи црвените линии за интегративниот процес на земјата, посочувајќи дека политичките чинители треба да седнат заедно на маса и да се формализира тоа како во иднина ќе продолжи процесот на евроинтеграциите.
Според него, Владата бара изговори за да не ги спроведе уставните измени, додека реформските закони и дипломатската активност се во застој.
Премиерот Христијан Мицкоски на ваквата најава од Филипче рече дека на граѓаните им се потребни јасна политика и јасна визија на борба со аргументи и додава дека ова е работа што треба да ја водат сериозни луѓе со јасна визија и стратегија
„Нашата позиција како влада ја знаете. А тој тип итроштини ќе ги оставиме во минатото“,
кажа тој.