Мицкоски најави дека утре ќе има состанок со синџирите супермаркети, хипермаркети, односно со трговците на мало и на големо. Состанокот ќе биде со цел да им укаже да не се користи актуелниот притисок со цената на нафтата за зголемување на цените на производите и со тоа притисокот да се префрли врз потрошувачката кошница на граѓаните. Дополнително, рече тој, со одржувањето на стабилноста на цените ќе нема потреба Владата да преземе, како што кажа, друг тип офанзивни мерки
Премиерот, иако беше прашан, првично избегна да ги коментира предлозите на опозицискиот СДСМ за справување со ценовен шок со горивата, преку намалување на стапката на ДДВ од 18 на пет отсто при промет на сите енергенти, како и намалување на акцизата за четири денари. Потсетен за прашањето, тој рече оти намерно не го прокоментирал предлогот на СДСМ, што вчера го изнесе лидерот на партијата Венко Филипче, бидејќи, според премиерот, станувало збор за „прилично несериозни, неточни и непрецизни предлози“
Во моментов Македонија има најниски цени на горивата и најниска инфлација од земјите во регионот, поради што нема потреба од прогласување кризна состојба, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Денеска тој одговараше на новинарски прашања за време на настан во општината Чучер Сандево, од кои првите очекувано беа поврзани со состојбата со цените на нафтените деривати, кои нагло скокнаа како последица на растот на цените на нафтата на светските берзи, а поради ситуацијата во Персискиот Залив.
Според премиерот, факт е дека во државата цената на нафтата, односно на нафтените деривати е најниска во споредба со земјите од соседството. Ваквата ситуација, според него, од една страна е добра, но од друг аспект создава, условно кажано, проблеми бидејќи граѓани од соседните земји доаѓаат во земјава за да ги наполнат резервоарите на возилата, пред сè со дизел-гориво. Тоа, како што рече премиерот Мицкоски, особено се случува на бензинските пумпи во пограничните општини.
„Особено на бензинските пумпи во пограничните општини се создава притисок од соседството, бидејќи голем број од граѓаните од земјите од соседството доаѓаат да точат гориво, дизел-гориво посебно, и затоа се случува на некои бензински пумпи побргу од тоа што е очекувано да снема гориво, но тоа брзо се надоместува. Државниот пазарен инспекторат е континуирано на терен, и нема прекини во снабдувањето“,
кажа премиерот, кој денеска вршеше увид во изградбата на пречистителна станица во Кучевишка бара во општината Чучер Сандево.
Аргументирајќи ги ваквите наводи, Мицкоски даде и преглед на цените на горивата кај нас, по вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, споредувајќи ги со оние во земјите од соседството.
„Ако е кај нас, по нивелирањето на цената вчера од страна на Регулаторната комисија за енергетика, дизел-горивото 1,39 евроценти, да речеме, во соседна Албанија е 1,79 евроценти за литар, односно околу триесетина проценти поскапо, и логично е да имаме притисок во западниот дел од државата. Исто така да речеме во Србија е 1,73 евроценти, што е отприлика некаде околу 25 проценти поскапо од тоа што е во Македонија. Во Косово цената варира, но достига до 1,52-1,53 евроценти за литар, што е некаде за 10 проценти повеќе, во Грција е 1,59 евроценти, што е некаде 15 проценти повеќе, во Бугарија е 1,41 евроценти. Така што во моментов граѓаните во Македонија имаат најниска цена на дизел-горивото, а слична е цената и со бензинот 95 октани и 98 октани“,
рече Мицкоски.
Тој рече дека очекуваат притисок и во периодот што следува, но увери дека во државата има доволно количини на нафта, се разговара со дистрибутерите и компаниите снабдувачи и во моментов нема опасност од каков било недостаток.
Како добра вест премиерот го оцени тоа што утринава цените на „брентот“ и на другите нафтени производи на светските берзи е во опаѓање.
„Ако вчера го достигнаа пикот од 120 долари за барел, денеска веќе се тргуваат за некаде деведесетина долари за барел. Така што ја следиме целата состојба многу внимателно и во зависност од развојот на настаните, така и ќе реагираме“,
кажа тој.
Говорејќи во истиот контекст, Мицкоски најави дека утре ќе има состанок со синџирите супермаркети, хипермаркети, односно со трговците на мало и на големо. Состанокот ќе биде со цел да им укаже да не се користи актуелниот притисок со цената на нафтата за зголемување на цените на производите и со тоа притисокот да се префрли врз потрошувачката кошница на граѓаните.
Дополнително, рече тој, со одржувањето на стабилноста на цените ќе нема потреба Владата да преземе, како што кажа, друг тип офанзивни мерки.
„Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат ќе го следат однесувањето на трговците на производи на мало и на големо, и врз основа на нивното однесување така и Владата ќе се однесува. Така што очекуваме тие да имаат фер во однос кон граѓаните за да и ние како Влада бидеме фер кон нив, односно заеднички во овие моменти да го заштитиме стандардот на граѓаните, бидејќи тоа преставува наша цел и приоритет“,
кажа премиерот.

Мицкоски, иако беше прашан, првично избегна да ги коментира предлозите на опозицискиот СДСМ за справување со ценовен шок со горивата, преку намалување на стапката на ДДВ од 18 на пет отсто при промет на сите енергенти, како и намалување на акцизата за четири денари. Потсетен за прашањето, тој рече оти намерно не го прокоментирал предлогот на СДСМ, што вчера го изнесе лидерот на партијата, Венко Филипче, бидејќи, според премиерот, станувало збор за „прилично несериозни, неточни и непрецизни предлози“.
„Ако во еден момент ги слушате како создаваат хистерија за 600, 700, 800 евра минимална плата, а од друга страна велат да се избришат даноците, да нема данок на додадена вредност итн., па нè враќаат во едни други времиња на соц-болшевизам и на еден вид таква економија, затоа се обидов воопшто да не ги коментирам творците на канабис-економијата во Македонија, луѓе коишто буквално ја ограбија Македонија, ги понижија македонските граѓани, ја понижија државата, и понекогаш и молкот можеби е доволен одговор на некои прашања“,
кажа тој.
На директно прашање дали тоа значи дека на денешната владина седница нема да биде прогласена кризна состојба, тој одговори:
„Па, во моментот не гледаме потреба од прогласување кризна состојба токму поради овие аргументи за коишто веќе зборував“.
Во однос на инфлацијата, Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека вчерашните податоци на Државниот завод за статистика за трошоците за живот во февруари оваа година го потврдиле тоа што тој претходно го говорел.
Мицкоски нагласи дека податоците покажуваат оти инфлацијата се спуштила под три проценти и изнесува 2,9 проценти, и оти повторно е една од најниските во регионот.
„Ако се има предвид дека во Грција е три проценти, Бугарија три и пол проценти, Косово во јануари, за февруари нема податок е 5,8 проценти, Хрватска исто така отиде над 3,8 проценти, Словачка е четири, во Романија е девет запирка нешто. Така што сите оние политики за коишто баравме трпение, полека но сигурно вродуваат со плод. Очекувам после оној состанок којшто утре ќе го имаме со дистрибутерите, со ланците на маркети да ја одржиме оваа кондиција и овој тренд да продолжи да се намалува“,
рече тој.
Сумирајќи ја оценката, тој рече оти е задоволен од состојбите со базната инфлација, која, како што рече, успеале да ја смират. Очекува таа во текот на оваа година да се движи помеѓу два и три проценти доколку, како што додаде, не се случи нешто непредвидено, а кое не зависи од нас.
„Ако ова што се случува во Заливот потрае во насока на предизвикување последици по човештвото и по светот, тогаш тоа се работи кои веќе не зависат од нас. Но, тоа што зависи од нас како влада, ние тоа го следиме, преземаме мерки, проактивни сме, го контролираме и не дозволуваме осцилации коишто ќе бидат на штета на граѓаните“,
изјави премиерот.
