Засега ризикот за ширење на оваа болест во нашата држава останува низок
Контактите на заболените со мајмунски сипаници засега немаат никакви симптоми, информираат денеска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Оттаму додаваат дека со нив контактирале епидемиолози, по што е констатирано дека нема нови сомнителни случаи што се испратени на тестирање.
„Позитивните лица се во добра состојба“,
велат од ИЈЗ.
На веб-страната на ИЈЗ се објавени препораки до граѓаните. Изработен е и краток водич за здравствени работници со препораки и патеки на движење за сомнителните случаи.
Засега ризикот за ширење на оваа болест во нашата држава останува низок.
Двајцата заразени пациенти со мајмунски сипаници се мажи од Скопје на возраст од 44 и 40 години. Двата случаи, како што рекоа од ИЈЗ, не се поврзани.
Директорот на Инфективна, Фадил Цана рече дека еден од двајцата пациенти кај кој се дијагностицирани мајмунски сипаници е хоспитализиран на нивната клиника и е во стабилна состојба. Тој бил примен на Инфективна синоќа околу полноќ откако го добил позитивниот резултат на мајмунски сипаници.
Вториот пациент кај кого е потврдена заразата сè уште не се јавил на Инфективна за преглед и хоспитализација.
Отворени се две нови телефонски линии за информирање за мајмунски сипаници, една за консултации на граѓани (076233791) и друга за консултација на здравствени работници (076233792).