„Претседателот на Комисијата решава дали ќе има или не. Треба да се апелира да се вакцинираат децата согласно редовниот календар за имунизација. Тоа е најдобрата заштита. Минатата година имаше три случаи на голема кашлица“, вели за МИА портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ
Засега нема информација дали и кога Комисијата за заразни болести ќе заседава по најновите случаи на голема кашлица регистирани во земјава. Според информациите на Институтот за јавно здравје, од почетокот на годината во земјава се евидентирани два случаи на персутис или во јавноста позната како магарешка кашлица.

Дека нема најава за состанок на Комисијата за заразни болести во изјава за МИА потврдил портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.
„Претседателот на Комисијата решава дали ќе има или не. Треба да се апелира, да се вакцинираат децата согласно редовниот календар за имунизација. Тоа е најдобрата заштита. Минатата година имаше три случаи на голема кашлица“,
вели Мехмедовиќ.
Денеска и министерот за здравство Фатмир Меџити ги повика родителите да ги вакцинираат своите деца против голема кашлица.
Прашан каква е состојбата со оваа зараза во земјава, Меџити рече дека се преземени сите чекори, но дека преку ноќ не може да се смени менталитетот на граѓаните кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца.
„Ги презедовме сите чекори, со сите европски институции соработуваме во тој правец и се одвива во добра насока. Значи, не можеме преку ноќ да го смениме менталниот склоп на граѓаните, но ги повикувам сите, нашата иднина се нашите деца и ние ги повикуваме сите да се вакцинираат зошто тоа пред сè ни ги заштитува животите и спасува. Затоа мора да сфатат и лека полека ќе сфатиме сите, дека вакцинирањето на нашата иднина е пред сè и тоа е иднината на нашата држава“,
рече Меџити.
Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје во изјава за дражваната новинска агенција изјави дека од почетокот на годината евидентирани се два случаи. Во едниот станува збор за дете од Кичево, а во другиот за шестмесечно бебе кое е хоспитализирано на Детската клника „Козле“ во Скопје.
„Станува збор за невакцинирани деца. Едното е во „Козле“, а другото е на домашно лекување“,
вели Мемети.

Според Директорот на Институтот за јавно здравје во 2023 година се евидентирани три случаи на голема кашлица, сите во Скопје.
Инаку, пертусис не е секогаш болест кај децата на школска возраст. Таа може да се јави и кај возрасни. Периодот на изолација треба да е пет дена од започнување со антибиотскиот третман. Ако симптомите траат повеќе од 3 недели, изолација не е потребна.
