Оттаму соопштија дека континуирано работат на решавање на еден од најголемите еколошки предизвици во земјава, чистење на линданот во поранешниот индустриски комплекс, односно дека веќе неколку години активно се врши чистење на малиот линдански лот, а паралено се бараат најсоодветни и одржливи решенија за отпочнување на чистењето и на големиот лот
Нема истекување на линдан во поранешниот индустриски комплекс ОХИС, соопштија вечерва од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Ова доаѓа откако на социјалните мрежи граѓани, најмногу тие што живеат во околината на Пинтија и Драчево, реагираат оти се шири непријатна миризба, за која се сомневаат дека доаѓа од некогашниот хемиски гигант, каде, непрописно се депонирани илјадници тони остатоци од канцерогениот линдан.

Од МЖСПП уверуваат дека процесот на чистење на линданот се одвива континуирано и безбедно.
„Континуирано работиме на решавање на еден од најголемите еколошки предизвици во земјава, чистење на линданот во поранешниот индустриски комплекс ОХИС“,
се вели во соопштението од МЖСПП.
Во вечерните часови на 22 октовмри, како што посочија од ресорното министерство, е спроведен инспекциски надзор на локацијата, при што е утврдено дека нема апсолутно никакво истекување на линдан, ниту други нарушувања на безбедноста.
Според МЖСПП, веќе неколку години активно се работи на чистење на малиот линдански лот, каде, како што се додава, се постигнати значајни резултати.
„Паралено се бараат најсоодветни и одржливи решенија за отпочнување на чистењето и на големиот лот, што е следна приоритетна фаза во процесот“,
соопштија оттаму.
Ресорното министерство е посветено на транспарентност, континуиран надзор и безбедно спроведување на сите активности, со цел создавање почиста, поздрава и побезбедна животна средина за сите граѓани.
Во некогашниот хемиски гигант, непрописно се депонирани илјадници тони остатоци од канцерогениот линдан.
Во дворот на ОХИС, остатоците од некогашното производство на линдан се депонирани на две места т.н. голема и мала депонија. Процесот на чистење на линданот е започнат само во малата депонија, која е покриена со специјален шатор, со цел да се спречи аерозагадување.
