Министерот за економија, исто така, вели дека до крајот на 2021 година нема да има поскапување на струјата
Министерот за економија Крешник Бектеши уверува дека има доволно електрична енергија за домаќинствата до крајот на годинава, до кога не се планира ниту поскапување на струјата.
„До крајот на годината ќе има доволно количина на електрична енергија. Сакам да ги уверам сите граѓани дека до крајот на годината нема да има покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата. Денеска имав состанок со сите чинители од енергетскиот сектор во рамки на првиот состанок на Комисијата за електроенергетска кризна состојба и согласно сите информации од нивна страна не беше донесена одлука за прогласување на електроенергетска кризна состојба во државата“,
истакна Бектеши.
Тој беше денеска на состанок на Комисијата за електроенергетска кризна состојба, на која присуствуваа претставници од најголемиот производител на електрична енергија во земјата, носителот на лиценца за производство на електрична енергија, носителот на лиценца за пренос на електрична енергија, носителот на лиценца за дистрибуција на електрична енергија, Регулаторната комисија за енергетика, еден експерт од областа и претставници од Министерството за економија.
Од Владата вчера, исто така, информираа дека граѓаните нема потреба да стравуваат, бидејќи АД ЕСМ за нив ги има обезбедено во целост количините на електрична енергија и тоа по цена од 36 евра за мегават час. Моментно цените се четири до пет пати повисоки и ова, според Владата, е показател дека таа направила добра проценка воведувајќи го универзалниот снабдувач, кој ги штити домаќинствата и малите потрошувачи.
Премиерот Зоран Заев, пак, изјави дека државата ја гарантира цената на струјата и таа нема да се промени до крајот на годината, затоа што ќе се активираат сите домашни ресурси за производство на електрична енергија за вкупните потреби на граѓаните.