Според неа, т.н. платформа за рушење на СДСМ одвнатре, осмислена од страна на владејачката партија, е направена како резултат на последните анкети направени токму од ВМРО-ДПМНЕ кои покажуваат дека власта има голем пад на поддршката, за разлика од рејтингот на СДСМ, каде што има раст
Нема да успеат обидите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за рушење на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ). Ова денеска на прес-конференција го порача портпаролката на опозициската партија, Богданка Кузеска, додавајќи дека СДСМ останува обединета со нова сила и нова енергија, а единствена во борбата против криминалната власт на премиерот Христијан Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, обидите за рушење на СДСМ доаѓаат откако е разоткриена бизнис-шемата на Мицкоски во енергетиката, по што следуваат координирани обиди за дефокус од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Фатени во криминални скандали, без никаков резултат зад себе, на ВМРО-ОКГ не им останува ништо друго освен да пробаат да ја рушат СДСМ. Последните анкети направени токму од ВМРО покажуваат дека власта има голем пад на поддршката, а има раст на рејтингот на СДСМ. Затоа ова се случува. Затоа и постои т.н. платформа за рушење на СДСМ одвнатре, осмислена од страна на ВМРО“,
рече Кузеска на прес-конференцијата од седиштето на „Бихаќка“.
Посочи дека нема да дозволат рушење на СДСМ, како и дека ќе продолжат да ја објавуваат вистината за криминалите на власта.
„СДСМ останува обединет. Посилни од кога било му дадовме ветување на ВМРО дека сите ќе одговараат. Продолжуваме да ги откриваме сите криминално-коруптивни дејствија на ВМРО и Мицкоски“,
кажа таа.
И лидерот на партијата Венко Филипче вчера изјави дека нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ преку разни поединци да ја ситни и да ја дели СДСМ. Ова следи откако Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз во понеделникот донесе одлука да иницира постапка за исклучување на Петре Шилегов од членството на партијата.
Според Филипче, како партија секогаш го почитувале туѓото мислење внатре во членството, додавајќи дека иницијативата за исклучување на Шилегов не е резултат на несогласување со неговото мислење како член на СДСМ, туку, како што рече, за процес на одработување за ВМРО-ДПМНЕ и внатрешна поделба на партијата.
Шилегов, пак, вели дека со иницирањето постапка за негово исклучување се потврдиле неговите тврдења дека актуелното раководство на СДСМ договорено одработува за ВМРО-ДПМНЕ и за интересите на владејачката партија, а не за СДСМ и неговото членство.
Го повика лидерот на СДСМ да дојде во Општинската организација на партијата во Карпош и таму заедно со членството да разговараат за неговото исклучување, но и за, како што додаде, заминувањето на Филипче.
Извршниот одбор на СДСМ завчера донесе одлука да иницира постапка за исклучување на Шилегов од членството на партијата откако тој во телевизиско гостување претходниот ден најави дека наскоро поголема група социјалдемократи ќе побара оставка од актуелното раководство.
