„Потрошувачката кошничка зависи од однесувањето на трговските ланци, но и на снабдувачите и дистрибутерите. Не мислам дека сезонско овошје се јагоди, цреши и лубеници за овој период од годината“, смета Мицкоски
Доколку забележиме неконвенционално однесување во однос на цените на прехранбените производи, ќе интервенираме како Влада, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за износот на минималната синдикална кошничка за овој месец при неговата посета на Делчево.

„Да ги почекаме индикаторите. Потрошувачката кошничка зависи од однесувањето на трговските ланци, но и на снабдувачите и дистрибутерите. Како Влада рековме дека трикови нема да толерираме, но исто така не мислам дека сезонско овојше се јагоди, цреши и лубеници за овој период од годината“,
кажа тој.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска го објави износот на минималната синдикална кошничка за овој месец.
Според ССМ, за покривање на минималните трошоци на едно четиричлено семејство во мај годинава му се потребни 63 908 денари, што во споредба со минатиот месец, вредноста на синдикалната кошничка за мај е зголемена за 1 217 денари.
Априлската кошничка изнесуваше 62 691 денари.
На ова реагираа од Социјалдемократскиот сојуз 9СДСМ), од каде велат дека ова е целосен дебакл на економските политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ и оти заради тоа граѓаните се соочуваат со континуирани ценовни шокови.