Коментарите на украинскиот претседател уследија неколку часа откако министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Полска, Шпанија, Италија и Велика Британија во заедничка изјава предупредија дека Украина и Европа мора да бидат дел од какви било мировни преговори во врска со актуелниот руско-украински конфликт
Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро реагираше на договорот на американскиот претседател Доналд Трамп со претседателот на Русија, Владимир Путин, за почеток на преговори за ставање крај на војната со Украина, велејќи дека нема да прифати никаков договор без учество на Киев.
Додаде оти Украина не може да дозволи сè да оди според планот на Путин.
„Не можеме да прифатиме, како независна држава, какви било договори склучени без нас. Ова многу јасно им го артикулирам на нашите партнери – какви било билатерални преговори за Украина, не за други теми, туку какви било билатерални разговори за Украина, без нас – нема да прифатиме“,
рече Зеленски за време на посетата на нуклеарна централа во западна Украина.
Коментарите на украинскиот претседател уследија неколку часа откако министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Полска, Шпанија, Италија и Велика Британија во заедничка изјава предупредија дека Украина и Европа мора да бидат дел од какви било мировни преговори во врска со актуелниот руско-украински конфликт.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера имаше телефонски разговор со претседателот на Русија, Владимир Путин, кој траел повеќе од еден час. Двајцата, како што соопшти Трамп, се согласиле „веднаш“ да започнат преговори за завршување на конфликтот во Украина.
Непосредно по разговорот со Путин, Трамп имаше разговор и со украинскиот претседател Володомир Зеленски.