Слоганот на маршот „Нема да нè снема“, како што велат организаторите, ги изразува непоколебливата и нужната борба на жените да опстојат во систем и општество што ја загрозуваат нивната безбедност, не ги штитат од насилници, ги забораваат, ги оставаат на маргините и ги бришат
Со минута молк и пораки за правда започна денешниот традиционален Осмомартовски марш во Скопје, организиран од повеќе граѓански иницијативи и здруженија. Маршот почна точно напладне од паркот „Жена борец“ од каде што учесниците се упатија кон Градскиот парк и бистата на Вера Јоциќ.

Слоганот на маршот „Нема да нè снема“, како што велат организаторите, ги изразува непоколебливата и нужната борба на жените да опстојат во систем и општество што ја загрозуваат нивната безбедност, не ги штитат од насилници, ги забораваат, ги оставаат на маргините и ги бришат.
Учесниците на маршот истакнаа дека празничните честитки не се доволни доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и системската дискриминација.
Маршот се одржува во чест на борбата за женските права и историската традиција на 8 Март, кој симболизира солидарност и отпор во борбата за еднаквост и достоинствен живот.
