Во однос на најавите што неколкупати досега беа најавувани од министерот и од премиерот, а се однесуваа на стабилизирање на цените во маркетите, Дурмиши вели дека нема да има никакви мерки

Нема да има вонредно зголемување на минималната плата, вели министерот за економија Бесар Дурмиши додавајќи дека ќе се чека редовното усогласување во март идната година.
Ваквиот став Дурмиши го оправдува со намалувањето на инфлацијата во октомври за 0,2 отсто.
„Кога инфлацијата во октомври бележи намалување за 0,2 отсто, а индексот на цените на мало во октомври во однос на септември годинава бележи намалување за 1,3 проценти, додека инфлацијата на годишно ниво е 4,49 отсто, не постои основа за интервентно зголемување на минималната плата“,
рече Дурмиши на денешната прес-конференција.
Дурмиши смета дека доколку има вонредно зголемување на минималецот таквата одлука ќе изврши притисок на малите и на средните претпријатија, кои ќе немаат финансиски средства да ги платат вработените, но ќе влијае и на инфлацијата.
„За да не донесеме административни одлуки кои ќе дадат краткорочни резултати, но после тоа влегуваме во пазарот и ги нарушуваме цените и им треба три до четири месеци потоа да се стабилизира пазарот. Затоа одиме на подолгорочно решение“,
додава Дурмиши.
Во однос на најавите што неколкупати досега беа најавувани од министерот и од премиерот, а се однесуваа на стабилизирање на цените во маркетите, Дурмиши вели дека нема да има никакви мерки.
Тој најави дека до крајот на месецот ќе го свика Економско-социјалниот совет на кој ќе се прецизираат и владините просечни потрошувачки кошнички.
Дурмиши денеска најави забрзан економски раст и повисок животен стандард, со повисоки плати и пониска инфлација, како резултат на измените во Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Министерот вели дека со измените усвоени во август и оние што се финализираат до крајот на годината, се креира стабилна, јасна и транспарентна рамка за инвестирање.
Целта на новите мерки е да се поттикнат инвестиции со поголема додадена вредност, кои ќе ја развиваат преработувачката индустрија, ќе воведуваат нови технологии и ќе создаваат одржливи работни места.
Законот, како што рече, дефинира дека финансиска поддршка можат да користат само компании кои реализираат почетна инвестиција од најмалку 100 000 евра во рамки на преработувачката индустрија.
Со поддршката нема да бидат опфатени субјекти од примарното земјоделство, шумарството, рибарството и градежните активности поврзани со изградба и продажба на станови и деловни згради.
Министерството за економија и труд ја презема водечката улога во целата постапка – од евалуација и потпишување на договорите до следење на реализацијата, со што се обезбедува контрола и отчетност на јавните средства.
Целосната примена на изменетиот закон започнува на 1 јануари 2026 година, а од Министерството порачуваат дека се посветени на создавање предвидлива бизнис-клима за сите инвеститори.
