Поради фактот што станува збор за укинувачка, а не за поништувачка одлука, од Судот напоменуваат дека одлуката ќе се применува од моментот кога ќе биде објавена во „Службен весник“ за подзаконските акти кои ќе се носат во иднина, но нема да важи ретроактивно за веќе спроведениот попис од 2021 година
Уставниот суд на вчерашната седница укина делови од Методологијата за попис на населението од 2021 година, кои се однесуваат на категориите „резидентно“ и „нерезиденто“ население, кои беа воведени при последното пребројување на населението во државава.

„Во предметот У. бр. 251/2025 кој опфаќа одредби од спроведената Методологија за пописот од 2021 година информираме дека Уставниот суд со мнозинство гласови ги укина: Дел II ‘Општ дел’ точка 5 потточка 1 во делот ‘Вкупно резидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис’ и потточка 2 во делот ‘Вкупно нерезидентно население’ го сочинуваат следните лица – единици на Попис’ од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година“,
се наведува во денешното соопштение од Уставен.
Судиите на Уставниот суд, одлучувајќи по иницијативата поднесена од пратеникот на опозициската коалиција „Европски фронт“, Скендер Реџепи, оцениле дека ваквата категоризација не е во согласност со темелните вредности на македонскиот уставен поредок – владеењето на правото и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот.
Ова, како што наведуваат оттаму, е уредено со членот 51 од Уставот и членовите 6, 7 и 17, став 2, алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година.
При разгледувањето и одлучувањето по предметот уставните судии оцениле и дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување.
„Уставниот суд оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт (Методологијата) извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување, бидејќи Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, не предвидува категоризацијата на населението да се разработи со подзаконски акт“,
велат од Уставен.
Поради фактот што станува збор за укинувачка, а не за поништувачка одлука, од Судот напоменуваат дека одлуката ќе се применува од моментот кога ќе биде објавена во „Службен весник“ за подзаконските акти кои ќе се носат во иднина, но нема да важи ретроактивно за веќе спроведениот попис од 2021 година.
На пописот на населението во 2021 година како резидентно население беа пребројани 1 836 713, додека како нерезидентни, односно граѓани што се повеќе од 12 месеци во странство, беа попишани 260 606 лица.

Реакција по одлуката на Уставниот суд дојде од коалицијата ВЛЕН, која е дел од власта, од каде велат дека Уставен го потврдил она што тие го кажувале долго време, односно дека последниот попис на населението, спроведен во време на тогашната влада на СДСМ и ДУИ, бил една од најштетните и навредливи акции за албанската дијаспора.
„Претходната влада, преку Заводот за статистика и во целосна координација со политичките структури на ДУИ, ги создаде категориите ‘резидентно население’ и ‘нерезидентно население’, третирајќи ги нашите иселеници како граѓани од втор ред. Ова беше намерен политички чин за минимизирање на вистинската тежина на Албанците во државата… Одлуката на Уставниот суд е победа за правото, победа за албанската дијаспора и доказ дека државата не може да се однесува арогантно кон своите граѓани“,
се вели во соопштението од ВЛЕН.