Следниот чекор, според него, е конечно поништување на концесијата, што е предвидено да се разгледа на наредната седница на Владата

Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити вели дека во ресорот со кој раководи била донесена негативна одлука за барањето за отворање каменолом во регионот на Страчинце.
Информацијата Меџити синоќа ја сподели и со жителите на ова населено место, кои протестираат против започнувањето со работа на каменоломот во нивната близина.
„Долго време ги следам нивните загрижености и внимателно ги разгледавме сите извештаи и анализи на надлежните институции. Тие јасно покажаа дека активноста со каменоломот ќе донесе сериозни последици, како што се ризикот од поплави и сериозни штети по здравјето и егзистенцијата на жителите. Поради оваа причина, мојата одлука е цврста: каменоломот нема да се отвори“,
пишува Меџити во објава на својата фејсбук-страница.
Оваа одлука, како што изјави Меџити, е долгоочекувана вест за жителите на Страчинце, кои со години се загрижени за можните последици од каменоломот врз животната средина и нивните животи.
Според Меџити, дозволата за работа била издадена пред неколку години од претходните влади.
Следниот чекор, според него, е конечно поништување на концесијата, што е предвидено да се разгледа на наредната седница на Владата.
„Оваа одлука официјално ќе го затвори оваа прашање и ќе ја врати правдата на страната на жителите“,
вели Меџити и додава дека ќе има и повторно пошумување на овој регион.