„Вчера излезе некаква изјава дека има некаква платформа, од некои луѓе коишто не сакаат ниту да се потпишат. Имале, пишува таму, гревови, кажувале дека ВМРО-ДПМНЕ била најголема партија, дека опозицијата била раситнета. Што може да се очекува од тоа, и што може да е позадината, освен тоа да е пишувано во Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ и дадено на некои луѓе да се презентира како некаква платформа“, изјави денеска лидерот на СДСМ одговарајќи на новинарски прашања
Отворени сме за разговор за принципиелни политики, но за вакви подметнувања, поделби на партијата – најжестоко ќе се спротивставам, изјави денеска лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања во врска со обвинувањата од поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.

Претседателот на СДСМ повторно го обвини Шилегов дека одработува за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека ќе се спротивстави на секој што излегува со намера да ја ситни и да ја дели партијата.
„Шилегов со своето излегување го злоупотреби денот на одбележување на годишнината од трагедијата во Кочани и освен тоа интервју што го даде, ја нападна сопствената партија и знаеме дека одработува за ВМРО-ДПМНЕ, и остро се спротивставуваме и ќе се спротивставуваме. И секој еден што со таква намера излегува во јавноста да плука по оваа партија, да ја ситни, да ја дели, јас нема да го дозволам тоа“,
кажа Филипче.
Тој избегна да одговори на прашањето дали ексградоначалникот на Скопје е во право кога тврди дека постапката за негово исклучување треба да се води преку Општинската организација во Карпош, а не преку највисоките органи на партијата.
Во таа насока, Филипче рече дека суштината на СДСМ е да се постигне консензус, да се изградат политики врз основа на различни мислења на многу луѓе, на што, како што додаде, тој и актуелното раководството работеле изминатите повеќе од една и пол година.
„Тоа е суштината на градењето добри политики, да се сослуша секој еден. Но, некој да одработува за ВМРО-ДПМНЕ, јас, како што кажав, тоа нема да го дозволам. Вчера излезе некаква изјава дека има некаква платформа, од некои луѓе коишто не сакаат ниту да се потпишат. Имале, пишува таму гревови, кажувале дека ВМРО-ДПМНЕ била најголема партија, дека опозицијата била раситнета. Што може да се очекува од тоа, и што може да е позадината, освен тоа да е пишувано во Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ и дадено на некои луѓе тоа да се презентира како некаква платформа“,
кажа лидерот на СДСМ.
Ваквите случувања, според него, доаѓаат во период кога Социјалдемократскиот сојуз успева да ја разоткрие, како што наведе, суштината на оваа власт, а тоа е дека е корумпирана, криминогена и антиевропска.
Сега, кога граѓаните го препознале сето тоа, вели Филипче, на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ не ѝ останува ништо друго освен да се обидува да ја ситни и дели опозицијата одвнатре.
„Граѓаните препознаа дека немаат капацитет да ја водат државата. Ниту имаат желба, ниту имаат визија, ниту една добра политика немаат спроведено, освен некои коишто останаа неспроведени од времето на СДСМ. Нема никакви политики во областа на економијата, здравството, образованието и воопшто нема резултати од спроведувањето на реформската агенда. Ќе помине возот за Европа, нема да нè примаат утре. И сега кога (ВМРО-ДПМНЕ) тоне на сите анкети, што ѝ останува, нормално, да ја дели СДСМ одвнатре“,
рече Филипче.

Прашан во врска со барањето на Шилегов да ги презентира доказите за неговата поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ, Филипче кажа:
„Шилегов не сака да ги презентирам доказите“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали може да се очекува исклучување и на тие што се обединети во таа т.н. иницијатива за реформи или платформа, Филипче кажа оти иако има шпекулации, не е познато кои се тие луѓе.
„Ние имаме сериозна борба. Ова се вообичаени практики на десничарски, автократски власти во Европа, да се ситни опозицијата, ова не е нешто невидено, но јас тоа нема да го дозволам. Отворени сме за разговор за принципиелни политики, но за вакви подметнувања, поделби на партијата најжестоко ќе се спротивставам“,
повтори тој.
Инаку, и ексградоначалникот Петре Шилегов завчера го обвини Филипче дека одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а тоа, како што кажа, се потврдило со иницирањето на постапката за негово исклучување од СДСМ.
Според него, актуелното раководство на СДСМ тоа го прави за да не биде предмет на евентуални кривични истраги.
„Кажав дека е очигледно оти постои договор кој предвидува СДСМ да биде во ваква состојба во којашто е, да ги промашува упорно темите и да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да истера два мандати, за сметка на тоа да не бидат предмет на можни евентуални истраги и кривични прогони“,
рече тој во изјава за медиумите на паузата од рочиштето за предметот „Пулс“ во вторникот, каде тој е бранител на обвинетиот Шофкет Хазари.
Тој го повика лидерот на СДСМ да дојде во Општинската организација на партијата во Карпош и таму заедно со членството да разговараат за неговото исклучување, но и за, како што додаде, заминувањето на Филипче.
Изјавата на Шилегов уследи по одлуката на Извршниот одбор на СДСМ во понеделникот да иницира постапка за негово исклучување од членството на партијата откако тој во телевизиско гостување претходниот ден најави дека наскоро поголема група социјалдемократи ќе побара оставка од актуелното раководство.
