На новинарско прашање за можни политички мотиви зад кривичната пријава, вели дека за тоа треба да се прашаат подносителите, но и оти времето ќе покаже дали имало политички притисоци
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимоски, на денешната прес-конференција соопшти дека во наредниот период ќе ги стави на располагање сите информации до надлежните институции со цел да докаже дека нема никакво прекршување на законската регулатива во постапката за одземање на лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје.
Оваа негова изјава следува откако денеска Финансиската полиција соопшти дека е поднесена кривична пријава против Бислимоски поради сомнение за сторено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека не постапил според Законот за енергетика и не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива.

„Во наредниот период ќе се обидам да докажам, ќе го следам целиот процес кој се случува и нема да дозволам на ниту еден начин, имајќи предвид дека сум и татко, и сопруг, и брат, и пријател, да биде извалкано моето име. Сè што стои на располагање, ќе го дадам на соодветните институции и цврсто сум убеден дека ќе докажеме дека апсолутно немало никакво прекршување ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“,
вели тој.
Коментирајќи ги наводите на Финансиската, дека не постапил според Законот за енергетика и не ја одзел навреме лиценцата на „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива, Бислимоски вели дека не постоел повластен статус за ниту една компанија. Постапките при одземање на лиценци, како што додава, се водени од сериозен тим од РКЕ.
„Буквално истите постапки ги применуваваме за сите сектори од областа на енергетиката. На истиот начин како што сме ги воделе постапките за компанијата којашто е посочена, во истиот период се водени исти постапки, со исти рокови и за останати компании, не само во делот на секторот за нафтени деривати, туку истото го правиме и во секторот за електрична енергија. Никогаш, ама буквално никогаш, немало повластена компанија или, пак, компанија за која се водени постапки спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценцирање“,
кажа Бислимоски.
Одговарајќи на новинарски прашања за наводно спречено одземање лиценца и за роковите во времетраење од 15 месеци, тој вели дека постапките се спроведувале идентично за повеќе компании, при што, додава, кај дел од нив завршиле со одземање на лиценците, а кај други не, доколку во текот на постапката се утврдило дека не се исполнети условите за одземање.
„Не само во делот во областа на нафтените деривати, туку и во делот на електрична енергија и таму каде понекогаш имаме за природни гасови, апсолутно се применувани пропишаните рокови и процедури. Во следниот период апсолутно тоа и ќе се докаже дека е така“,
рече претседателот на РКЕ.
За тоа дали се одредувани и некакви дополнителни рокови за отстранување на некои недостатоци кај компанијата, вели дека работел по насоки дадени од правните служби и верува во нивната исправност.
„Не сум правник. Тоа што ми било кажано од правните служби, во кои цврсто верувам и апсолутно сум сигурен дека тоа е точно, истото е применето, немало различен пристап за различни компании“,
вели тој.
На новинарско прашање за можни политички мотиви зад кривичната пријава, вели дека за тоа треба да се прашаат подносителите, но и оти времето ќе покаже дали имало политички притисоци.
РКЕ, додава, во изминатиот период била оценета како една од најдобрите регулаторни тела во рамките на Енергетската заедница, токму поради примената на пропишаните постапки и процедури.
Од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) денеска соопштија дека во постапката за одземање лиценца на „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје е постапено согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци. На ист начин и во исти рокови, додаваат оттаму, е постапено и за други компании.
Според Финансиската, Бислимоски не постапил според Законот за енергетика и не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива. Лиценцата наместо да биде одземена во јануари 2024 година, постапката е прекината со незаконско решение и лиценцата е одземена дури во април 2025 година.
Со тоа, на компанијата ѝ било овозможено да работи уште околу 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавните набавки.
Во тој период, како што велат од Финансиска, компанијата „Тритерол петрол“ остварила промет од 194 520 962 денари или од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од 14 093 576 денари или од 229 илјади евра.
