Мандатарот Христијан Мицкоски на денешната седница на која се дискутира за составот на идната влада најави економско заживување, зголемување на пензиите и платите, инвестиции во образованието, здравството и културата, борба против корупцијата, одговорност за секој криминал и реформи усогласени со европските стандарди.
Мицкоски за во вторник најави инвестиција од 400 милиони евра, а потоа и намалување на даноците и зголемување на пензиите.
„Доаѓа часот кога татковината треба да направи повеќе за граѓаните. Секој од вас направи сѐ за својата татковина, сега е време таа да прави за вас. Според сознанијата што ги имаме, ситуацијата во повеќе области е рамна на клиничка смрт, институциите се доведени до колапс. Одлучно ќе одговориме и за сѐ јавноста ќе биде известена. Нема да барам сто дена меден месец, туку најавувам инвестиции веднаш, веќе во вторник инвестиција повеќе од 400 милиони евра, потоа намалување на даноците и зголемување на пензиите“,
рече Мицкоски.
Според собранискиот Деловник, предвидено е седницата да трае најмногу два дена, односно треба да заврши најдоцна до утре на полноќ. Владата ќе биде избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници.
Парламентарното мнозинство, кое се очекува да ја поддржи новата влада во законодавниот дом, брои 78 пратеници – 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 од „Вреди“ и шестмина пратеници од ЗНАМ.
Новата влада што ја предлага Мицкоски ќе брои 24 члена. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски ќе има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив ќе биде прв вицепремиер.