Во соопштението на српското МВР не се наведуваат повеќе детали освен дека апсењата се извршени во рамките на заедничките активности на Министерството за внатрешни работи и безбедносно-разузнавачката служба на земјата – БИА и дека „надлежните органи продолжуваат со интензивна работа за разветлување на сите околности и факти поврзани со овој случај“
Неколку лица се уапсени во Србија и во Босна и Херцеговина за кои постои сомневање дека се поврзани со случајот „уфрлени снајперисти“, соопшти денеска српското Министерство за внатрешни работи.

Информацијата на Министерството доаѓа откако претходно оваа недела, српскиот претседател изјави дека се трага по двајца снајперисти кои пристигнале во Белград со финансиска поддршка, чиј извор, како што кажа, е познат на надлежните служби.
Според соопштението на српското МВР, лицата се уапсени на неколку локации во Белград и градовите Зворник и Бања Лука, кои се наоѓаат во ентитетот Република Српска кој е дел од Босна и Херцеговина.
Во соопштението се наведува дека апсењата се извршени во рамките на заедничките активности на Министерството за внатрешни работи на Србија и безбедносно-разузнавачката служба на земјата – БИА.
„Во рамките на заедничките активности на Министерството за внатрешни работи и Безбедносно-информативната агенција, денеска на неколку локации во Белград, Зворник и Бања Лука уапсени се неколку лица кое се доведуваат во врска со случајот познат како ‘уфрлени снајперисти’“,
се наведува во соопштението на српското МВР.
Во него се додава дека надлежните органи продолжуваат со интензивна работа за разветлување на сите околности и факти поврзани со овој случај.
Министерството за внатрешни работи на Србија не ги наведува иницијалите и идентитетот на уапсените лица.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ во понеделникот (3 ноември) во гостување на ТВ Прва изјави дека владата има безбедносни и разузнавачки податоци, според кои во Белград се присутни двајца снајперисти, за кои се верува дека пристигнале со финансиска поддршка, чиј извор е познат на надлежните служби.
Тој не прецизираше што би можело да биде нивна цел, но посочи дека владата нема да дозволи надворешно влијание или употреба на насилство како средство за промена на поредокот.
„Во претходните денови и недели имавме разни безбедносно-разузнавачки податоци кои не беа наивни. Дури и ја информиравме јавноста. Не сакавме да зборуваме…Не можеме да ги најдеме три дена. Ќе видиме кои се целите. Знаеме дека пристигнале, знаеме од каде се парите, верувам дека надлежните служби ќе успеат да го решат тоа. Тоа е нивниот единствен начин, не можат да ја поколебаат мојата волја, не можат да ме победат на избори и тоа го знаат многу добро“,
рече Вучиќ тогаш.
