„ДУИ не се плаши од независно правосудство ниту од транспарентност. Напротив, ние нудиме конкретно решение – ветинг со меѓународен мониторинг, за целосно чистење на политичката и јавната сцена од секое коруптивно влијание. Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија. Нека се истражи најголемиот корупциски процес во државата – приватизацијата“, соопшти ДУИ

ВМРО-ДПМНЕ е последната партија која има право да држи лекции за борбата против корупцијата, криминалот и политичките влијанија, затоа што денес, од позиција на власт, јасно демонстрира дека има само една цел – целосно да ја зароби државата, особено правосудството, соопшти опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ).
Оттаму обвинуваат дека под водство на оваа влада, политиката отворено се меша во Обвинителството, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со, како што велат, класични политички сценарија за ставање на правдата под контрола.
Предлагаат ветинг со меѓународен мониторинг.
„ДУИ не се плаши од независно правосудство ниту од транспарентност. Напротив, ние нудиме конкретно решение – ветинг со меѓународен мониторинг, за целосно чистење на политичката и јавната сцена од секое коруптивно влијание. Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија. Нека се истражи најголемиот корупциски процес во државата – приватизацијата, која создаде недопирливи олигарси со монополи во клучни економски сектори што денес прават сè за да го блокираат европското интегрирање, од страв од фер конкуренција“,
велат од ДУИ.
Од ДУИ велат дека треба истрагата да се прошири и на институциите на државната безбедност и нивните вработени од 1945 година до денес.
„Само така може да се затвори едно темно поглавје од минатото и да се изгради држава во која никој не е над законот. Тие што немаат што да кријат – го прифаќаат ветингот. Времето на моноетнички проекти и етничка супериорност е завршено. Северна Македонија може да се гради само заедно, во духот на мултиетничноста и еднаквоста, а не под плаштот на ‘борба против корупцијата’ да се реализираат агенди кои ја поткопуваат државата и ја заробуваат за да спроведат моноетнички цели“,
соопшти ДУИ.
Интегративците велат дека остануваат цврсто определени да ја водат државата напред кон европската интеграција со, како што велат, чисти институции, независно правосудство и општество што става крај на бескрајниот транзициски период.