Имено, бројките на ДИК покажуваат дека Стојковски во првиот круг има освоено 13,92 отсто од гласачите или 5 946 гласа. Ајдини, пак, има добиено 13,83 отсто или 5 905 гласа. Но, според ДИК, се уште се необработени 612 запишани избирачи

Куманово е една од општините каде неизвесноста околу тоа кои кандидати ќе одат во вториот круг сè уште е отворена со оглед на тоа што не се обработени 100 отсто од избирачките места.
Според податоците на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК), а кои се ажурирани во 9 часот утринава, може да се види дека во Куманово обработени се 99,8 отсто од избирачките места и 93 429 гласачи од 94 041 запишани во оваа општина.
Разликата помеѓу обработените и запишаните гласачи е 612.
Од друга страна, пак, бројките на ДИК покажуваат дека во првиот круг кандидати со најмногу освоени гласови се актуелниот градоначалник Максим Димитриевски од движењето ЗНАМ-За наша Македонија и Горан Стојковски од група избирачи Горан Стојковски-Диро. Трет на листата е кандидатот од Национална алијанса за интеграција -НАИ, Селвер Ајдини.
Неизвесноста околу тоа кој ќе оди во вториот круг е меѓу Стојковски и Ајдини.
Имено, бројките (без 612 необработени избирачи) на ДИК покажуваат дека Стојковски во првиот круг има освоено 13,92 отсто од гласачите или 5 946 гласа. Ајдини, пак, има добиено 13,83 отсто или 5 905 гласа.
Разликата меѓу овие двајца кандидати, според досега обработените избирачки места, е 41 глас.
Ако се земе предвид дека допрва треба да се обработат гласовите на уште 612 гласачи, ќе треба да се почеказа да се дознае кој од кандидатите ќе оди со Максим Димитриевски во вториот круг.