По кинењето на кабелот, безбедносните системи го прекинале напојувањето, со што била оневозможена пневматската сопирачка. Извештајот покажал дека рачната сопирачка била недоволна за да спречи трамвајот да се спушти по стрмниот рид

Причината за падот на трамвајот „Глорија“ во Лисабон на почетокот на септември, кога загинаа 16 луѓе, бил дефект на челичен кабел, покажале резултатите од истрагата.
Подземниот челичен кабел, иако стар помалку од една година, бил несоодветно цврст, несертифициран за јавен превоз и неинсталиран според спецификациите на производителот. Неговото кинење, како што пишува во извештајот, беше директен повод за несреќата.
„Кабелот не бил во согласност со важечките спецификации на CCFL за употреба во трамвајот ’Глорија’“, се наведува во извештајот.
Истражителите од Канцеларијата за спречување и истрага на воздушни и железнички несреќи откриле пет случаи каде што програмата за одржување на жичницата се однесувала на „непостоечки, неприменливи или застарени стандарди“.
По кинењето на кабелот, безбедносните системи го прекинале напојувањето, со што била оневозможена пневматската сопирачка. Извештајот покажал дека рачната сопирачка била недоволна за да спречи трамвајот да се спушти по стрмниот рид.
Останатите градски жичници во Лисабон се надвор од употреба од несреќата, а Бирото за истрага на воздушни и железнички несреќи соопшти дека треба да останат надвор од употреба додека инспекторите не потврдат оти имаат системи за сопирање „способни да ги имобилизираат кабините во случај на кинење на сајла“.
Инцидентот се случил кога еден од вагоните на „Глорија“ излетал од шините, паднал по ридот и се судрил со зграда на 30 метри од крајот на пругата.
Најмалку 15 лица загинаа, а 18 се повредени откако на почетокот на септември познатиот трамвај „Глорија“ во Лисабон излета од шините. Петмина од повредените се во сериозна состојба, додека 13 се здобиле со полесни повреди.
Трамвајот „Глорија“ е една од најпознатите знаменитости и туристички атракции во Лисабон. Отворен е во 1885 година и е електрифициран три децении подоцна. Жолтите трамваи се клучен елемент од јавниот транспорт во ридестиот Лисабон, а оваа линија, долга 275 метри, го поврзува плоштадот „Рестаурадорес“ со живописниот кварт Баиро Алто за само три минути. Иако ја користи и локалното население, таа е исклучително популарна кај туристите, кои секогаш ги има во голем број во португалската престолнина на крајот од летото.
Последното излетување од шините се случи по сериозен дефект во мај 2018 година, но немаше превртени вагони или жртви. „Глорија“ не работеше еден месец по тој инцидент.