Од Оперативната команда на полските вооружени сили велат дека по спроведувањето на прелиминарни анализи на записите од радарскиот систем, синоќа не е регистрирано нарушување на полскиот воздушен простор ниту од Украина ниту од Белорусија

Неидентификуван предмет синоќа паднал во нива со пченка во селото Осини, во полскиот регион Лубелшчизна, во близина на границата со Украина, информира полската полиција која додава дека на местото на настанот пронашла изгорени метални и пластични остатоци.
Полската армија потоа информира дека предметот што паднал и експлодирал можеби бил составен дел од стар пропелер.
Оттаму додаваат дека немало нарушување на воздушниот простор на Полска од Украина или Белорусија.
„По спроведувањето на прелиминарни анализи на записите од радарскиот систем, синоќа не е регистрирано нарушување на полскиот воздушен простор ниту од Украина ниту од Белорусија. Соодветните служби, вклучително и Воената полиција, се на самото место и вршат детална анализа на објектот. Активирани се воздушни и копнени тимови за пребарување и спасување за да ја проверат областа“,
соопшти Оперативната команда на полските вооружени сили на Икс.
W odniesieniu do informacji o znalezieniu szczątków obiektu na terenie powiatu łukowskiego, informujemy, że po przeprowadzeniu wstępnych analiz zapisów systemów radiolokacyjnych, minionej nocy nie zarejestrowano naruszenia polskiej przestrzeni powietrznej ani z kierunku Ukrainy,… pic.twitter.com/DUcE5kIDWy
— Dowództwo Operacyjne RSZ (@DowOperSZ) August 20, 2025
Експлозијата, како што пишуваат полски медиуми, била пријавена во 2:22 часот и била толку силна што прозорците на три блиски куќи биле скршени, но немало повредени.
Министерот за национална одбрана Владислав Косињак-Камиш, како што пишува полската ТВН 24, изјавил дека мора да се разгледа секое сценарио.
„Најверојатно зборуваме за дрон што се урна. Сè уште нема никакви знаци што би укажувале на воена природа. Не можеме да ја исклучиме можноста дека се работи за дрон за шверц и не можеме да исклучиме чин на саботажа“,
рекол тој.