Осомничениот на почетокот на овој месец во неколку наврати испратил заканувачки пораки до градоначалникот и до неговото семејство, а на 19 септември испратил пораки и на службените мејлови на Министерството за внатрешни работи, на Општина Неготино и на новинар, кои содржеле закани кон приврзаници на политичка партија во Неготино
Дваесет и осумгодишен неготинец е осомничен дека преку лажен профил на социјалната мрежа му се заканувал на градоначалникот на Неготино и на неговото семејство, а се обидел и да изнуди пари.

Тој, според кривичната пријава што до Основното јавно обвинителство Кавадарци ја поднел Отсекот за компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Велес, се товари за кривичните дела загрозување на сигурноста по член 144 став 4 и 5 од Кривичниот законик (КЗ) и изнуда во обид по член 258 во врска со член 19.
Како што соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи, осомничениот со иницијали М. Ј. креирал лажен профил на социјална мрежа и на 2 септември на платформа за интернет-комуникација му испратил порака на профилот што го користи градоначалникот на Општина Неготино.
Во пораката тој упатил закани кон градоначалникот и кон неговото семејство, а се обидел и да му изнуди пари.
Но, според МВР, тоа не била единствената порака со закани што ја испратил пријавениот.
„На 4.9.2025 во три наврати и на 5.9.2025 на друг профил што го користи градоначалникот, повторно испратил текстуални пораки со закани кон него, неговото семејство, како и кон кандидат за градоначалник“,
се наведува во соопштението од МВР.
Пријавениот М.Ј. на 19 септември испратил пораки на службените мејлови на Министерството за внатрешни работи, на Општина Неготино и на новинар, кои содржеле закани кон приврзаници на политичка партија во Неготино.
Истиот ден тој бил лишен од слобода од страна на полициски службеници.