На средбата ќе присуствуваат и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел. Во пресрет на вечерата, премиерот Ковачевски најави дека ќе има формален состанок со претседателката на Европската комисија на кој ќе ја информира за текот на уставните измени
Проширувањето на Европската Унија и европската иднина на регионот ќе бидат во фокус на денешната неформална вечера на лидерите од земјите Западен Балкан во Атина што ја организира грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ-Западен Балкан и Декларацијата од Солун.
На средбата, како што најави синоќа, ќе присуствува македонскиот премиер Димитар Ковачевски, а ќе биде придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Присутни ќе бидат и косовскиот премиер Албин Курти, претседателите на Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, како и лидерите на земјите членки во ЕУ од регионот – премиерите на Бугарија, Хрватска и Романија. Покана за присуство на неформалната вечера добиле и властите на Албанија, но на средбата нема да нивни претставник.

Неофицијално, на средбата во Атина ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Покрај лидерите од Западен Балкан, на средбата ќе присуствуваат и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Во пресрет на денешната средба, премиерот Ковачевски најави дека ќе има формален состанок со претседателката на Европската комисија на кој ќе ја информира за текот на уставните измени. Средбата се очекува да се одржи пред неформалната вечера која е закажана за 20:15 часот по локално време.
Иницијативата на грчкиот премиер Мицотакис за средба на лидерите од регионот, како што брифираат грчки владини извори, ја означува водечката улога на Грција како столб на стабилноста, мирот и енергетската безбедност на Балканот и Југоисточна Европа. Средбата ќе се одржи во Премиерската палата.