Kомпанијата „Нефи ИК“ на бизнисменот и советник во Општина Охрид, Нефи Усеини доби кривична пријава за „узурпација на недвижности“ во заштитената зона на брегот на Охридското Езеро. Полицијата за истото дело поднела пријави и против три лица, а станува збор за Н.З.(59) од Охрид, Н.И.(51) од Струга и Р.Б. (47) од Охрид.Тие се сомничат дека извршиле дотур на земја и камен со што ја прошириле парцелата на 900 метри квадратни навлегувајќи дури и во водите на Охридското Езеро.
„Првопријавениот, иако знаел дека неговата катастарска парцела во населбата „Далјан“ во близина на Охридското Езеро, сѐ уште не е запишана во Агенцијата за катастар на недвижности на негово име, со намера да ја прошири парцелата ги ангажирал второ и трето пријавените, вработени во фирмата „Нефи ИК“ и побарал дотур на земја, камен и крупен градежен шут на брегот и во водите на Охридското Езеро“
стои во полицискиот билтен.
Случајот беше пријавен уште во ноевмри минатата година, кога беше регистрирано и снимено како со тешка механизација се насипува земја и шут во Охридското Езеро, во непосредна близина на новиот комплекс згради и дом за стари лица во изградба кон Извидничкото одморалиште кај Далјан.