Дел од независните не се уверени во искреноста на вчерашната изјава на претседателот на ДИК, Борис Кондарко, дека Комисијата нема право никому да му го ускрати правото за учество на избори и затоа продолжуваат со собирањето потписи за регистрирање политички партии
„Зелен хуман град“ (ЗХГ) е една од организациите што го продолжува процесот на собирање потписи за формирање политичка партија и покрај изјавата на претседателот на ДИК, Борис Кондарко, дека „согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран“.
Горјан Јовановски од ЗХГ вели дека право на автентично толкување има само Собранието, а не и ДИК. Стравува дека се можни нови, како што ги нарекува, бирократски лавиринти кои би имале за цел да им оневозможат на независните листи да учествуваат на претстојните локални избори.

„Изјавата на претседателот на ДИК не обесхрабрува зашто тие сега со нас си играат како со мали деца – денеска некој ќе толкува на еден начин, утре друг ќе толкува на друг начин и ние не знаеме на што стоиме. Пред еден месец имавме состанок со ДИК на кој претседателот на Комисијата ни кажа на нас – сите независни, дека тие немаат право да го толкуваат законот и дека ќе чекаат автентично толкување на законот од страна на Собранието. А, еве веќе денеска, иако нема автентично толкување од Собранието, се појавува претседателот со негово толкување што може и не може да се случи на наредните избори. Тоа е големиот проблем, институциите во 5 до 12 прават нови бирократски лавиринти со цел ние, како ‘Зелен хуман град’, и другите независни да не можеме да се кандидираме на овие локални избори знаејќи ја опасноста што ја имаат од нас“,
вели Горјан Јовановски од Зелен хуман град во изјава за Телма.
Затоа, вели Јовановски, тие продолжуваат со процесот на формирање партија за да не се најдат во ситуација во која повторно во последен момент ќе се појави некое ново правило или ќе се изгласа некоја нова измена на Изборниот законик за да не може да настапат на изборите.

ДИК најави директна примена на член 60
Вчера, првиот човек на ДИК изјави дека Комисијата не може неикому да му го одземем законското право да учествува на избори.
„Согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран. Значи, ДИК нема право и никому не му го ускратува законското право за учество на избори. Членот 60 постои во Изборниот законик, тој е јавен и достапен за сите. Значи сите – и политички партии и коалиции и група избирачи, согласно членот 60, имаат право да учествуваат на изборите“,
изјави Кондарко.
Кондарко ја даде изјавата при појаснување на еден од заклучоците усвоени на седницата на ДИК со кој надвор од сила се става Правилникот на ДИК за регулирање на постапката за собирање потписи.

Ставањето вон сила на ваквиот правилник, како што рече Кондарко, е согласно одлуката на Уставниот суд со која се укинаа членовите од Изборниот законик со кои се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните кандидати за градоначалници и листи за советници за учество на изборите.
„Во случајов не се работи за никаква одлука на ДИК, туку за директна примена на законот. Упатството се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со кој се укинати членовите 61 и 62 на Изборниот законик за собирањето потписи, односно за процентот и бројот на потребни потписи за кандидирање на листи“,
изјави претседателот на ДИК.
Член 60 став 1 од Изборниот законик, на кој се повикува Кондарко во својата изјава, гласи:
„Право да поднесат листа на кандидати за пратеници, листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник имаат регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи.“
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вчера ги распиша локалните избори за на 19 октомври кога ќе се гласа за градоначалници и за членови на општинските совети. Во општините во кои нема да се избере градоначалник во првиот круг, вториот ќе се одржи на 2 ноември.