Во разговор за агенцијата Анадолија, Ала Хилес, директор на Одделот за болничка фармација при Министерството за здравство на Газа, изјави дека повеќе од 37 проценти од основните лекови и најмалку 59 проценти од медицинските потрошни материјали моментно не се достапни во магацините на Министерството

Палестинските пациенти во Газа се во сè полоша ситуација поради израелската блокада, а недостигот на клучни лекови и медицински потрошен материјал ги доведува на работ на смртта.
Затворањето на граничните премини од 2 март ги исцрпи болничките резерви за основни потреби создавајќи ситуации кои се опасни по живот за сите на кои им е потребна терапија – од хронични болести до повреди од војната.
Министерството за здравство на Газа постојано предупредува на влошување на кризата поради недостиг на лекови, што дополнително ги оптоварува веќе слабите капацитети на здравствениот систем.
Во разговор за агенцијата Анадолија, Ала Хилес, директор на Одделот за болничка фармација при Министерството за здравство на Газа, изјави дека повеќе од 37 проценти од основните лекови и најмалку 59 проценти од медицинските потрошни материјали моментално не се достапни во магацините на Министерството.
„Овој недостиг директно влијае на сите медицински услуги, вклучувајќи ги и лекувањето на ракот и крвните заболувања“,
рече Хилес додавајќи дека 54 проценти од лековите за овие болести се исто така недостапни.
Тој, исто така, истакна дека повеќе од 24 проценти од лековите што им се потребни на пациентите на дијализа во моментов не се достапни.
Хилес изјави дека министерството редовно поднесува извештаи за недостиг на лекови до релевантни меѓународни организации, вклучувајќи го Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Светската здравствена организација.
Во оваа криза, Министерството за здравство се обидува да најде медицински алтернативи за ублажување на последиците од недостигот и намалување на компликациите за пациентите. Но, Хилс предупредува дека овие алтернативи не се секогаш соодветни и дека менувањето на лековите може да претставува дополнителен ризик за здравјето на пациентите.
Педесет дена без хуманитарна помош
Обединетите нации во понеделникот одбележаа 50 дена откако Израел целосно ја блокираше хуманитарната помош за Газа, предупредувајќи на брзо влошување на ситуацијата што сериозно ги загрозува животите на цивилите.
„Денес се навршуваат 50 дена откако израелските власти целосно го запреа протокот на какви било резерви во Газа“,
изјави на прес-конференција, портпаролот на ОН Стефан Дужарик.
Повикувајќи се на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA), Дужарик нагласи:
„Од почетокот на март, на ниту еден камион што носи храна, гориво, лекови или други потребни работи не му е дозволено да влезе во Газа, без разлика колку се важни овие резерви за опстанокот на луѓето“.
Минатата недела канцеларијата за медиуми на владата во Газа, исто така, предупреди на недостиг на лекови и ширење на болести меѓу населението во ова подрачје разурнато од војна.
Израелската војска ги обнови нападите врз Газа на 18 март прекршувајќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници, постигнат на 19 јануари.
Од октомври 2023 година Израел уби повеќе од 51 200 Палестинци во Газа.
Доставата на хуманитарна помош беше прекината на 2 март, неколку часа по завршувањето на првата фаза од прекинот на огнот, кој траеше 42 дена.