На денешното рочиште бранителката на Нехат Нухи, Анита Бегова, повторно предложи мерката притвор за него и Нино Васев да се замени со куќен притвор. Таа аргументираше дека постојат променети околности, повикувајќи се на случајот со Артан Груби, кој по година и едномесечно бегство доби домашен притвор наместо притвор. Судот не го прифати предлогот во оваа фаза на постапката притворот да биде заменет со куќен притвор
Недостиг од утрински состаноци, од конзилиум и отсуство на колективни одлуки за терапии се дел од недостатоците што ги изнесе поранешната в.д. директорка на Клиниката за онкологија, Виолета Клисаровска, на денешното судење за случајот „Онкологија 2“.

При нејзиното назначување, како што рече, затекнала долг, нееднакви исплати кон добавувачите и судски спорови, како и задоцнета набавка на терапија што доведува до ризик од прекин во лекувањето.
Посочи дека овие состојби се обидела да ги надмине со воведување онколошки конзилиум, системски анализи и транспарентно работење.
„Стручниот колегиум е движечка сила на една здравствена организација, а директорот е тој кој треба да ги овозможи сите услови за негово функционирање“,
рече таа при денешното сведочење.
При преземањето на функцијата, додаде и дека затекнала недостиг од утрински состаноци и недоволна информираност на стручниот колегиум. Препишувањето на терапијата, пак, било индивидуално, што го сметала за проблематично.
Затоа, како што рече, иницирала формирање на онколошки конзилиум, за првпат на Клиниката, со цел групно донесување одлуки за препишување терапии.
„Главна цел беше групна одлука за препис на терапија за лек кој е на листата на условниот буџет’,
кажа ексдиректорката на Онкологија.
За време на сведочењето, детално го објасни функционирањето на конзилиумот, нагласувајќи дека секој лекар реферира за пациент со сите значајни параметри на болеста, а одлуката се носи колективно и се потпишува од сите членови.
„Сите имаат право да дадат забелешка, да постават прашања, може да се разгледа историјата во целост и доколку е единствен ставот, секој член се потпишува на одлуката со своето име“,
рече таа.
Потоа, зборуваше и за финансиската состојба на клиниката, истакнувајќи дека затекнала долг кој започнал да се создава интензивно во 2021 и 2022 година.
„Од прилика за пет до шест месеци, летото 2023 година долгот беше речиси преполовен. Сметам дека тоа беше најмногу благодарение на извршниот ангажман за анализа и многу поважно, презентирање на таа анализа пред повисоките институции, како Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Бирото за јавни набавки, па дури и Владата“,
вели Клисаровска.
Според неа, исцрпните анализи значеле добивање податоци за секој лек поединечно, за да се знае колку пациенти го примаат и колку е надминувањето на бројките споредено со одобрените.
„За повеќе лекови имаше сериозни надминувања на бројката, за што веднаш побарав консултации со ФЗОМ, за да може да се изнајде решение за проблемот без исклучување на пациентите, а сепак како институција да бидеме што е можно поблиску до одобрувањата“,
кажа ексдиректорката.
Клисаровска потврди дека била присутна при претресот на клиниката на 1 септември 2023, во просторијата на Нино Васев, каде биле пронајдени лекови од условен буџет, меѓу кои „ерлотиниб“ и „кризотиниб“. Таа се потпишала на записниците од претресот и нагласи дека биле пронајдени и други лекови од позитивната листа.
Сведокот зборуваше и за соработката со организацискиот директор Нехат Нухи нагласувајќи дека односот бил професионален, но дека повеќето од иницијативите биле нејзини.
Во текот на вкрстените прашања од одбраната, адвокатот Вељо Кадиев, бранител на Нино Васев, ја праша Клисаровска дали состаноците можеле да се одржуваат за време на ковид-пандемијата. Таа одговори дека и покрај околностите, смета оти имало простор за стручни состаноци.
Во врска со онколошкиот конзилиум, Кадиев посочи дека истиот не се одржувал ниту пред Васев да биде именуван за директор, што Клисаровска потврди.
Се согласи дека клиниката се соочувала со недостиг на лекови, особено биолошка терапија, и нагласи дека проблемот потекнува од тоа што при планирањето на тендерите за Министерството за здравство, не биле консултирани лекарите.
На прашања од Никола Васев, таа рече дека била пасивен сведок при претресот и само потврдила дека биле пронајдени лекови, без да ги проверува датумите.
Потврди и дека го повикала Васев да дојде на работа кога службите сакале да разговараат со него, додавајќи дека ситуацијата била непријатна и незаборавна.
На денешното рочиште, бранителката на Нехат Нухи, Анита Бегова повторно предложи мерката притвор за него и Нино Васев да се замени со куќен притвор. Таа аргументираше дека постојат променети околности, повикувајќи се на случајот со Артан Груби, кој по година и едномесечно бегство доби домашен притвор наместо притвор.
Бранителот Вељо Кадиев го поддржа предлогот, нагласувајќи дека судот не смее да дозволи мерката притвор да премине во казна.
Јавното обвинителство остана на истиот став и не понуди промена на мерката.
Судот не го прифати предлогот во оваа фаза на постапката притворот да биде заменет со куќен притвор.
Судењето продолжува на 10 март со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството.
Клисаровска ја презеде функцијата вршител на должноста директор на 2 ноември 2022 година, а беше разрешена на 27 февруари 2024 поради истек на временското продолжување. Вработена е на клиниката од 2002 година, а од 2007 година е специјалист по радиотерапија и онкологија.
Во случајот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра.
Двајцата обвинети ја негираа вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.
