МОН порача дека секој изгубен ден од наставата ќе значи продолжување на учебната година, меѓутоа СОНК не се согласува. Ставот на синдикатот е секој наставник во рамки на работното време да вложи дополнителни напори и во рамки на редовното работно време да ги надополни и наставните содржини кои децата ги изгубиле поради штрајкот

За жал немаме добри вести за јавноста, штрајкот ќе продолжи и во наредните денови од причина што немаме конкретно ветување дека зголемување на платите ќе биде во висина од некој процент, соопшти претседателот на претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, по денешната рунда преговори во Министерството за образование и наука (МОН).
Тој вели дека министерот Јетон Шаќири им нагласил оти зголемување на платите ќе добијат и дека се прават максимални напори да се пренасочат пари од други министерства и на ниво на Влада.
„Неговото уверување беше дека ќе има зголемување, но и самиот не знае колку ќе има и затоа ниту тој не сакаше да шпекулира“,
рече претседателот на СОНК.
Денешните разговори, како што кажа Неделков, повеќе се одвивале за тоа кога ќе продолжи наставата и како ќе се надополнат часовите, кои се последиците од штрајкот итн. Како што изјави тој, двете страни имаат ист став дека преговорите мора да се интензивираат за што побргу да се најде прифатливо решение со цел цената да продолжат да одат на училиште и да слушаат редовна настава.
„Од таа причина очекуваме од МОН овие денови да излезат со конкретен предлог, па и со некаков допис кој на писмено ќе го имаме од нив како гаранција за тоа што се договараме, дали веднаш ќе можеме да одлучиме да се стави штрајкот во мирување или не, ќе зависи од тоа што МОН односно Владата ќе излезат со предлог. Сите сме расположени да се прекине штрајкот и да почне наставата, меѓутоа тоа ќе одлучи членството, а тоа ќе одлучи врз основа на конкретен предлог кој би го прифатиле мнозинството наши членови“,
рече Неделков.
На преговорите, како што претходно соопштија од МОН, министерот Шаќири нагласил и дека секој нереализиран наставен ден поради штрајкот ќе значи продолжување на наставната година по 9 јуни, имајќи предвид дека законските прописи не дозволуваат намалување на наставните програми во вакви околности.
Меѓутоа, наставниците од СОНК не сакаат учебната година да се продолжува туку велат имаат поразличен став од МОН – секој наставник во рамки на работното време да вложи напори и во рамки на редовното работно време да ги надополни и наставните содржини кои децата ги изгубиле поради штрајкот.
„Секој наставник во зависност од тоа колку наставни часа изгубил на неделно ниво во рамките на работниот ден дополнително ќе вложи напори за да ги надокнати тие наставни содржини“,
рече Неделков одговарајќи на новинарско прашање кој е ставот на СОНК како да се надополнат изгубените часови.