Минатата недела се зголемил бројот на реинфекции за 15,7 отсто. Бројот на излекувани, пак, се намалил за 26,2 отсто

Во текот на минатата недела (од 14 до 20 март) во земјава се пријавени 15 смртни случаи на ковид-19 што е за 55,9 отсто помалку во однос на претходната недела кога имало 34 смртни случаи, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за состојбата со коронавирусот.
Починатите биле од девет градови, а во однос на возраста, 13 лица биле во групата над 60 години, а по еден починат имало во возрасните групи од 40-49 и 50-59 години.
16 нови случаи повеќе
Кога станува збор за бројот на заразени, минатата недела се регистрирани 1 834 што е зголемување за 16 случаи (0,9 отсто) во однос на една недела претходно кога имало 1 818.
Позитивните случаи се детектирани од 15 577 тестови (2,1 отсто повеќе од неделата претходно), а процентот на позитивност на дневно ниво се движен од 6,6 отсто до 14,2 отсто или просечно 11,4 отсто.
Бројот на реинфекции меѓу позитивните случаи бил 309 што значи дека реинфекциите се зголемиле за 15,7 отсто.
Во периодот од 14 до 20 март од ковид-19, пак, се излекувале 1 772 лица, а тоа е намалување од 26,2 отсто во споредба со една недела претходно кога имало 2 400 оздравени.