Зоран Нечев, член на Советодавната група за јавна политика – Балканот во Европа (БИЕПАГ), во авторски текст го анализира извештајот на ЕК. Нечев заклучува дека тешките реформи кои се пред Скопје се речиси невозможни без јасна одлука за почеток на преговори
автор: Зоран Нечев (БИЕПАГ)
За време на неодамнешната посета на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, на регионот, таа повтори дека „отсуството на одлука за отворање на преговори за членство со Северна Македонија (и Албанија) ја загрозува позицијата и влијанието на ЕУ во регионот“. Таа, исто така, го повтори ставот на ЕК дека „не е прашање дали, туку кога“ Западен Балкан ќе добие членство.
Што се однесува до Комисијата, очекувањата за започнување на процесот на преговори со Северна Македонија се јасно зацртани во Комуникацијата за политиката на проширување на ЕУ од 2021 година што комесарот за соседство и проширување Вархеји го презентираше заедно со извештаите за земјите на 19 октомври. Иако тој спомена дека „одложувањето на официјалното започнување на преговорите за пристапување со Северна Македонија има негативно влијае врз кредибилитетот на ЕУ“, временската рамка претставена во Комуникацијата беше јасна: земјите членки на ЕУ треба да ги завршат дискусиите за Преговарачката рамка без дополнително одложување и првата меѓувладина конференција мора да се одржи што е можно поскоро, идеално пред крајот на годината. Со други зборови, Комисијата сака да го види проблемот решен на заедничко задоволство и процесот започнат под овогодишното претседателство на Словенија. Пораката на Урсула фон дер Лајен до Бугарија и Северна Македонија за време на нејзината посета беше јасна. Двете земји, особено Бугарија, мора да вложат поголеми напори во меѓусебните односи и во односите со ЕУ и да престанат да нанесуваат штета на угледот на Комисијата во регионот. Времето ќе покаже дали овие зборови ќе имаат влијание во Софија.

Нов елемент во Комуникацијата на Комисијата се меѓународните стандарди или индикатори на трети страни што Комисијата ќе ги разгледува при оценувањето на земјите кандидатки во однос на демократијата, доброто владеење и владеењето на правото. Тие вклучуваат, но не се ограничени на извештајот за Нации во транзиции за Фридом хаус, Индексот на демократија на Economist Intelligence Unit, Индексот на слобода на медиумите во светот, Индексот на перцепција за корупцијата на Транспаренси интернешнл. Особено внимание ќе се посвети и на предлозите и извештаите од земјите членки на ЕУ. Земајќи ја предвид новата методологија, вклученоста на земјите членки во процесот на пристапување ќе биде многу повеќе видлив и одлучувачки.
Годишните извештаи на ЕК за оваа година се усогласени со пристапот на кластери промовиран со новата методологија за преговори усвоена од Советот на ЕУ во март 2020 година. Постоечките (35) поглавја се групирани во 6 кластери и следствено оценувани. Според извештајот за Северна Македонија, во однос на политичките критериуми, земјата покажува цврста заложба за спроведување на реформите. Во извештајот се споменува дека агендата „Европа дома“ и „Акцискиот план 21“ на Владата за борба против корупција создаваат поволна клима за продолжување на важните реформи во клучни области. И покрај тоа, во него не изостануваат критики дека Владата треба да се фокусира на „спроведување на постоечката законска рамка наместо на започнување спорадични нови иницијативи“ или, со други зборови – резултати пред ветувања. Во извештајот, исто така, се нагласува проблемот со практиката на креирање закони преку примена на забрзана постапки и потребата да се ограничи оваа практика за да се осигури ефективен надзор и консултации во однос на законодавството. Вкупно 159 закони се усвоени во периодот на известување (една година), од кои половина, или 79 закони, биле усвоени со примена на скратена постапка. Изречно се потенцира важноста од кохерентна употреба на забрзаната постапка „означена со европското знаме“ за транспонирање на правото на ЕУ во националниот правен систем. Донесувањето на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ – НПАА (2021-2025) е значајна пресвртница во работата на Секретаријатот за европски прашања, оправдано пофален во извештајот на Комисијата, но недостасува преиспитување на постоечката македонска структура за преговори со ЕУ т.е. таа не е целосно усогласена со новата методологија на преговори за пристапување. Ако и кога ќе започнат пристапните преговори, нема да има време за преструктуирање и приспсобување на еден таков масовен систем. Тоа мора да се стори сега, или колку што е можно поскоро, за да се ослободи простор за системот да покаже дека е способен да се справи со комплексниот процес на пристапување и преговори. Очигледно, јасноста и изгледите (еден од главните елементи на новата методологија) имаат значење и во домашниот контекст.
Извештајот е позитивен и јасно го одразува на објективен начин политичкиот и економскиот статус на земјата во моментот, покажувајќи го патот напред и каде треба да биде фокусот во месеците што следат. Меѓутоа, тешки реформи бараат огромно политичко вложување и дополнителна енергија од сите страни што не може да се изведе без отворање преговори за членство како поттик за дополнителен напредок.
За Авторот:
Зоран Нечев го предводи Центарот за интеграција во ЕУ на Инситутот за демократија, тинк-тенк организација од Северна Македонија. Неговата експертиза е во делот на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, надворешната димензија на правдата и внатрешните работи, појавата на корозивен капитал и малигното влијание.