Претпријатието досега нема добиено одговор од градоначалниците на скопските општини каде што го одлагаат отпадот, од наводните активности за собирање на ѓубрето, што тврдат дека ги спроведуваат во рамки на своите општини
Од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје денеска соопштија дека во текот на вчерашното деноноќие неговите екипи извршија собирање и транспортирање на отпад од неколку локации во општините Центар, Чаир и Аеродром, при што се подигнати вкупно 350 тони комунален отпад.

„Се спроведоа активности за собирање и транспорт на комуналниот отпад од контејнерите поставени на булеварот ‘Гоце Делчев‘ до хотелот ВИП, булеварот ‘Партизански одреди‘, булеварот ‘Митрополит Теодосиј Гологанов‘, улиците ‘Даме Груев‘ и ‘Џон Кенеди‘, како и на повеќе локации во скопски Аеродром“,
се вели во соопштението од претпријатието.
Оттаму велат и дека досега немаат добиено одговор од градоначалниците на скопските општини каде го одлагаат отпадот од наводните активности за собирање на ѓубрето, што тврдат дека ги спроведуваат во рамки на своите општини.
„Во текот на денешниот ден не забележавме дека е подигнат отпад од страна на општинските комунални претпријатија во ниту една скопска општина. Се прашуваме дали навистина и на кои локации се одвиваат овие активности“,
реагираат од „Комунална хигиена“.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вчера соопшти дека ЈП ПОЦ ќе организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад. Тој ги повика сите ресторани, кафулиња и локали во Центар да го одлагаат отпадот на локации каде што контејнерите не се преполни и да го ставаат во двојни или тројни кеси со цел да биде подобро заштитен.
Најави дека викендов ќе се прави итна дератизација и дезинфекција во училиштата и градинките, како и мапирање на кризните точки во близина на училиштата кои мора да се исчистат.
И Општина Аеродром најави дека се организира самостојно за собирање на сметот од контејнерите.
Во врска со проблемот со несобирањето и транспортирањето на комуналниот отпад на територијата на Град Скопје, Владата пред неколку дена ги задолжи надлежните инспекторати заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) да почнат координиран вонреден инспекциски надзор за да ја утврдат состојбата со комуналниот отпад, а во насока на преземање соодветни мерки и активности.
Владата, како што се наведува во соопштението, исто така, му укажува на Градот Скопје – Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето.
