„Нашиот европски пат не може ниту да се мери, ниту да се споредува со кој било друг случај во поновата историја. Мора да има рамка за предвидливост, да знаеме дека нашиот идентитет, јазик и национална историја нема да станат предмет на преговори“, вели Тимчо Муцунски

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вели дека Македонија е подготвена за дијалог за деблокада на евроинтеграцискиот пат, но додава дека Владата нема да прифаќа отстапки без јасни институционални гаранции за заштита на идентитетот и предвидливост на процесот.
Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата со неговата албанската колешка Елиза Спиропали, Муцунски истакна дека македонскиот случај на евроинтеграција не може да се спореди со ниту еден друг. Тој потсети на низата национални отстапки во последните 30 години, вклучувајќи ги промените на Уставот, знамето и името на државата.
„Нашиот европски пат не може ниту да се мери, ниту да се споредува со кој било друг случај во поновата историја. Мора да има рамка за предвидливост, да знаеме дека нашиот идентитет, јазик и национална историја нема да станат предмет на преговори“,
изјави Муцунски.
Министерот појасни дека иако Владата има мнозинство во Собранието за уставни измени, таквиот чекор без дополнителни гаранции би бил неодговорен. Според него, што доколку Владата го направи тоа и знаеме дека „за шест месеци можеме повторно да се соочиме со истата ситуација“.
„Ние велиме мора да има рамка за предвидливост, да знаеме прво што сите толкуваме како решение од 2022 година, да добиеме некоја форма на институционални гаранции, дека нашиот идентитет, јазик и национална историја нема да стане предмет на преговори бидејќи во моментот не се чувствуваме комотни, дека таква ни е позицијата. Да знаеме дека другата страна ќе ги почитува меѓународните конвенции, како што се обврзала и ќе ги почитува Македонците што живеат на нејзина територија“,
рече министерот додавајќи дека овие позиции се јасно пренесени во Брисел.
Муцунски истакна дека во Брисел и меѓу земјите членки расте свеста за македонските позиции. Тој посочи дека Владата е подготвена „уште утре“ да седне на преговарачка маса за „одблокирање на оваа непринципиелна блокада која и се прави на нашата држава“, но предупреди дека нема да се повторат грешките од претходно.
„Доколку некој очекува дека оваа влада туку така ќе се согласи на отстапка без сигурност за завршетокот на патот, таква подготвеност кај нас нема. Не планираме да создадеме нов ќор-сокак“,
додаде Муцунски.
Според него, комплексноста во целата ситуација е внатрешнополитичката состојба во Бугарија и затоа, како што рече, максимално сме внимателни и во сето тоа што ќе го кажеме јавно.
„Без сигурност, извесност и предвидливост по нашиот европски пат, кога се во прашање билатералните прашања, идентитетските и историските прашања, ние не сме подготвени во овој момент да пристапиме кон тоа што се очекува од нас“,
кажа Муцунски.
Тој соопшти дека македонските граѓани треба да бидат сигурни дека има Влада, која мисли на европскиот пат, посебно во делот на внатрешните реформи и додаде оти тоа се гледа и од законите што периодов поминуваат во собраниска процедура.
„Нема да дозволиме повторно да навлеземе во истиот циклус на блокади кои го наметнаа нашите претходници бидејќи најлесно им беше да прифатат се што ќе понуди другата страна. Треба внимателно и трезвено, а нема предизвик на кој доколку има волја од сите страни не може да се најде решение“,
додаде министерот.
