Поранешниот директор на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума, во изјава за „360 степени“ потврдува дека станува збор за проект што се реализирал во периодот меѓу 1990-тите и 2000-тите години. Притоа, вели дека не станувало збор за никаков профит зашто, како што вели, мозокот не може да оди на црниот пазар
Кога прифативме, согласност даде и етичкиот комитет на Медицинскиот факултет, вели Дума

Мозок не може да се продаде и тој не може да се трансплантира, вели поранешниот директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, Алексеј Дума.
Ставот на Дума доаѓа откако во јавноста се појавија информации за извоз на мозоци од Македонија за научни цели во САД.
„360 степени“ на сајтот на американската Национална библиотека за медицина пронајде документ од Македонската академија на науките и уметностите – оддел за медицина, од јули 2014 година, чии автори се Горазд Росоклија, професор од Универзитетот „Колумбија“, по потекло од Македонија, Алексеј Дума, поранешен директор на Судска медицина, и извесен Ендру Џеј Дворк од Универзитетот „Колумбија“ во САД.
Документот е насловен како „Збирка за психијатриски мозоци во Македонија: Општи лекции за научна соработка меѓу земјите со различно богатство“, и во него станува збор научна соработка помеѓу американски и македонски институции во областа на невропатологијата и психијатријата.
Алексеј Дума во изјава за „360 степени“ потврдува дека станува збор за проект што се реализирал во периодот меѓу 1990-тите и 2000-тите години. Но, она што тој го потенцира е дека не станувало збор за никаков профит зашто, како што вели, мозокот не може да оди на црниот пазар.
„Има точни правила мозокот кога ќе се извади за колку секунди треба да постигне минус 80 степени и да стигне во лабораторија“,
вели Дума.
На прашањето колку мозоци од Македонија биле испратени за научните цели, Дума не можеше да каже бројка, но рече дека сигурно не биле 1 000.
„На Универзитетот веќе имаа банка на мозочни ткива кои ги земаа од цел свет со строго дефинирано што им треба – шизофреничари и самоубиства“,
додава тој.
За тоа дали семејствата на починатите, чии мозоци биле праќани за испитувања, биле запознаени со проектот, Дума не даде конкретен одговор, но рече дека биле задоволени сите критериуми и кај нас и во САД.
Тој вели дека проектот бил финансиран од Националниот институт за здравје на САД, а го добил Универзитетот „Колумбија“, и тоа по многу строги правила.
„За да бидеме дел од него мораше да ги задолволиме сите критериуми. Кога прифативме, согласност даде и етичкиот комитет на Медицинскиот факултет. Согласноста беше да се продолжи по правилата, без никаков профит и во сето тоа никој од надвор не беше вклучен“,
вели Дума.
Тој потврдува дека посредникот помеѓу Универзитетот „Колумбија“ и Институтот бил професорот Горазд Росоклија, а во проектот биле вклучени речиси сите доктори од Институтот, како дел од Медицинскиот факултет во Скопје.
„Бенефитот наш беше што пративме многу млади да ја продолжат својата работа и да се стекнуваат со нови знаења“,
рече Дума.
Целта на соработката меѓу Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк и Институтот за судска медицина во Скопје била проучување на мозочните промени кај шизофренија и други психијатриски нарушувања. Македонија била избрана затоа што имала висока стапка на обдукции и квалификувани лекари, но недоволно ресурси за истражување. Американската страна имала напредна технологија, но недостиг од примероци.
Инаку, Македонија се најде во документите што американското Министерство за правда ги објави јавно, а се однесуваат на починатиот милијардер осуден за трговија со бело робје, педофилија и силување, Џефри Епстин. Станува збор за електронска порака испратена до Ике Гроф, основач на инвестициската компанија „Турмалин партнерс“ во која се пренесува новинарско истражување на „Блумберг бизнисвик“ од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лагрет.
Текстот е со наслов „Лекот стар 50 години кој би можел да ја реши американската криза со самоубиствата“ и во него се наведува дека во рамките на долгогодишно научно истражување за самоубиствата, американски научници кои соработуваат со Универзитетот „Колумбија“ имаат создадено банка од човечки мозоци за истражување.
